Градење ќе има, дали ќе има и усул?

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Дали во кругот на поранешната фабрика „Треска“ треба да се направи парк или да се изградат еден куп нови згради „наполитанки“? Треба ли да се подигнат кулите кај „Холидеј ин“ и да се урбанизира просторот со нови станови, деловни простории и дуќани, како што сакаат новомаалци или да се направи парк? Ѝ требаат ли на населбата Расадник 100 згради? На Јурија во Ѓорче Петров седумнаесеткатница? Мора ли да никнат нови згради во Хром, во Аеродром, насекаде низ Скопје? Мора ли, треба ли, дали?

Неодамна премиерот Зоран Заев во врска со случувањата и реакциите околу изградбата на висококатниците на паркингот кај „Холидеј ин“ рече дека Скопје треба да продолжи да се гради, но со усул, и дека мегаломанските проекти треба да бидат скратени, скротени и нормализирани во согласност со законите за урбанистичко планирање и за градење. Всушност, градењето со мерка во Скопје било и нивно предизборно ветување.

За жал, во градов, во последниве неколку децении локалните власти не знаат за усул. Се донесоа детални урбанистички планови во кои се вцртаа згради на секој слободен метар земја, на местото на секоја стара куќа, врз згради од два ката се надградија уште пет, се пикнаа објекти еден до друг за станарите да си дишат во врат, да си подадат кафе преку терасите и да си ѕиркаат в постела.

Сопствениците на парцелите и градежниците тријат раце, на локалните власти им се полнат касите од комуналии. Само граѓаните во очај „врескаат“ барајќи нормален живот, зеленило, соодветна инфраструктура и проток на воздух. Нив нема кој да ги чуе, затоа што ДУП се чини дека е на ниво на Устав, а сопственичките права се неприкосновени. И затоа што досега не понел одговорност никој што кренал два прста и гласал за план што е надвор од секакво хумано живеење. Без оглед на штетата што е направена.

Деновиве Антикорупциска комисија побара од Јавното обвинителство да преземе истражни дејства и да обезбеди докази во однос на реализацијата на ДУП „Голем ринг” јужен дел исток, каде припаѓа и просторот кај „Холидеј ин“. Иницијативата се однесува на градоначалниците Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, на неколку раководители на сектори, но и на планерите од „Билт“ и е покрената затоа што се претпоставува дека во постапката за изменување и дополнување на ДУП Голем ринг за 2012 – 2017 година тие ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување постапувајќи спротивно на законот и со тоа прибавиле имотна корист за сопствениците на градежната парцела 1.1.

Дали конечно ќе се случи чудо и некој ќе понесе одговорност за планот? И за тоа како е донесен и за тоа зошто толку години отпосле не е усогласен со Генералниот урбанистички план? Ако тоа се случи веројатно ќе биде поука за сите кои во иднина ќе бидат вклучени во донесување на било кој ДУП. И тогаш дури ќе може да се зборува за градење со усул.

Во меѓувреме, градежниците се пожалија дека им се скусува работата, дека трпат загуби, но предупредија и дека цените на становите ќе растат. Поскапеле материјалите за градба, но и луѓето увиделе дека е многу исплатливо да се инвестира во недвижности.

Инвестиции во време на корона. За хуманиот живот, ќе почекаме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот