ВИДЕО Гореа пластика, метали, масла – Пожарот во Визбегово стивна, дишевме ли отрови?
Со оглед на тоа што станува збор за остатоци од стари возила, сигурно покрај металот има и пластика, има и отпадни масла, со оглед на тоа што во возилата останува маслото. Дефинитивно станува збор за опасни материи по здравјето на граѓаните. Не е исто кога гори комунален отпад од депонија каде што претежно има биоразградлив отпад. Има и таму и пластика и хартија, но овде е малку посензитивно, вели за „Слободен печат“ Каја Шукова, поранешна министерка за животна средина
Стивна пожарот што избувна во Визбегово каде што гореше опасен отпад и кој го зави Скопје со црн чад. Се гаснеше и од копно и од воздух, а на местото каде што чадеше, останаа противпожарни возила во случај пожарот да не пламне повторно.
Препорачано
Сопствениците на отпадот завршија во притвор, откако нападнаа новинарска екипа што снимаше на терен, а тим на Четата за атомско-биолошка и хемиска одбрана собираше податоци за утврдување на квалитетот на воздухот. Обвинителството соопшти дека продолжува да ги истражува причините за настанувањето на пожарот.
Останаа многу неодговорени прашања што точно горело на отпадот, дали дозволата што ја имала компанијата „АДС Метал груп“ била соодветна, дали оваа фирма работи во согласност со условите што треба да ги исполнува, утврдени во дозволата за работа и во регулативата за управување со отпад, дали на отпадот се депонирало само тоа што е дозволено или имало и друг тип отпад… Лекари токсиколози изјавија дека тоа што гореше било опасно.
Инспекторатот немаше конкретни информации
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска во изјава за „Слободен печат“ вели дека инспекторите биле на терен, но конкретни информации немаше за да ни ги соопшти.

– Гореше отпад, а фирмата имала дозвола од Управата за животна средина. Бевме на увид на лице место, заедно со Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, и откако ќе се изгасне пожарот, инспекторите ќе влезат внатре. Обвинителството го води предметот и веќе издаде наредба да се направат мерења – вели Гиновска.

Каја Шукова, поранешна министерка за животна средина, која со години работеше на оваа област како дел од ова министерство, побара јавноста што поскоро да добие одговори.
– Со оглед на тоа што станува збор за остатоци од стари возила, сигурно покрај металот има и пластика, има и отпадни масла, со оглед на тоа што во возилата останува маслото. Дефинитивно станува збор за опасни материи по здравјето на граѓаните. Не е исто кога гори комунален отпад од депонија каде претежно има биоразградлив отпад. Има и таму и пластика и хартија, но овде е малку посензитивно. Секое возило има многу пластика, полимери, синтетички материјали, отпадни масла што е сериозна работа. Тоа се гледаше и по бојата на чадот – вели Шукова.

Таа додава дека во вакви ситуации, градските и државните инспекторати треба да излезат на терен.
– Треба да се провери, прво – дали има дозвола, потоа соодветноста на дозволата, односно дали работи во согласност со условите утврдени во дозволата и во согласност со законите за управување со отпад. Потоа да се утврди каква е структурата на отпадот, дали е според дозволата или се депонирало и нешто друго – вели Шукова за „Слободен печат“.
Сомнежи за сценарио
Според последните информации, пожарите беа локализирани онаму каде што најмногу гореше: во село Николиќ кај Дојран каде што гаснеа грчки канадери, состојбата во Чучер-Сандево е под контрола, но штетата е огромна, а под контрола беше и пожарот во Крива Паланка. Гореше и на други места низ земјава, најмногу активни жаришта има во Македонски Брод.

Досега има две жртви – еден маж загина во село во Крива Паланка, а една жртва имаше во Ѓорче Петров.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција рече дека МВР се сомнева оти некои пожари се подметнати.
– Морам да напоменам дека можеби се работи за поинакво сценарио од она сценарио на случајност. Институциите работат на терен. Во текот на вчерашниот ден фативме лице што со умисла палеше оган. Лицето беше пронајдено и му беше изречена најстрога мерка. Многу е симптоматично тоа што како се неутрализира еден пожар, започнува втор, а како се неутрализира вториот, стартува трет пожар. И сите се поврзани со одредена инфраструктура во државата. МВР се сомнева дека станува збор за одредено сценарио што сака да се постигне – рече Тошковски.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека имаат докази за подметнување на пожарите, особено во Скопје. Тој додаде дека има и приведени луѓе.
– Пожарот, на пример, што се случи во близина на Смилковското Езеро, беше навечер, по 21 часот. Тоа што го најдовме таму, но и три лица што потоа беа „обезбедени“, укажува на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција посебно во Скопје – рече Мицкоски.

МВР соопшти дека се приведени тројца малолетници што биле фатени со бензин.
„Во рамките на преземените обемни активности околу состојбата со пожарите во Скопскиот Регион, во средата, на подрачјето на ЕВР Гази Баба, поточно во близина на месноста Ајватовски Рид, кај населбата Илинден, во 23:40 часот полициски службеници при преглед на три малолетни лица – странски државјани, во ранец пронашле две шишиња со по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и течен лепак, по што се лишени од слобода. Во присуство на дежурен тим на Јавна установа Центар за социјални работи (ЈУМЦСР) и адвокат, извршен е службен разговор, по што со потврда за предавање на лица, тие се предадени на ЈУМЦСР – соопшти МВР.


