Гордана Филиповиќ доби пониска казна – две и пол години затвор за прегазувањето на Слободан Ангеловски
Скопскиот Кривичен суд ѝ ја намали затворската казна на Гордана Филиповиќ за прегазувањето на 76-годишниот Слободан Ангеловски на мостот „Гоце Делчев“ наспроти МНТ, кој од ударот почина.
Препорачано

Сообраќајката се случи во 2022 година и оттогаш предметот е во процедура – прво кривичниот суд досуди три години затвор за Филиповиќ, за предметот да биде вратен на повторно судење и денеска казната да ѝ биде намалена на две години и шест месеци. Во судница во текот на постапката беше презентирана видео-снимка од моментот кога се случило прегазувањето.
Кумановката Гордана Филиповиќ е мајка на Јелена Филиповиќ, која исто така загина во сообраќајка.
Стојан Ангеловски, син на загинатиот пешак после рочиштето изрази силно незадоволство и смета дека казната е прениска.
-Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци, брзо возење и незастанување на пешачки. Судството не е на 2 процента, туку е на минус 20 проценти. Ова е шокантна и некоректна пресуда, изјави Ангеловски.
Адвокатот на Филиповиќ, Владимир Туфегџиќ, најави жалба до Апелацискиот суд, посочувајќи дека делото не било сторено со умисла, туку од небрежност.
-Обвинетата не го сторила делото со умисла, туку станува збор за небрежно дело, на што упатуваат и ставовите и правната пракса во пресудите на Врховниот суд. Во жалбата ќе ги изнесеме нашите аргументи“, изјави Туфегџиќ.


