Големи реакции за двојазичните декларации: Законодавецот го „заборавил“ преодниот период да ги потрошат залихите

Маркет /Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Вицепремиерот Фатмир Битиќи се согласува дека клучниот проблем е што не е направена преодна одредба со Законот за потрошувачи, а со неа увозниците и трговците ќе добиеја време да ги потрошат залихите додека не им стигнат новите декларации

Стопанската комора на Македонија испратила допис до премиерот и до министерот за економија за прецизно и конкретно објаснување на Законот за заштита на потрошувачи во делот на декларациите што треба да содржат податоци и на македонски и на албански јазик. Најспорен е членот 6, кој им ја наметна оваа обврска на трговците, а инстантната примена не им остави простор за приспособување.

И вицепремиерот Фатмир Битиќи се согласува дека клучниот проблем е што не е направена преодна одредба со Законот за потрошувачи, а со неа увозниците и трговците ќе добиеја време да ги потрошат залихите на компаниите додека не им стигнат новите печатени декларации. Извори на „Слободен печат“ велат дека е невозможно да се запази рокот за промена на сите декларации бидејќи има многу стока на залиха. Во исто време, дел од трговците стравуваат од високи казни и се надеваат дека нема веднаш да им бидат пишани казни, туку само превентивни опомени од пазарните инспектори.

Според Законот за заштита на потрошувачите, донесен по скратена постапка на 15 ноември и кој е на сила, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мора да бидат истакнати и на албански јазик. За да ја исполнат оваа обврска, сите приватни субјекти мораа да ангажираат преведувач, што е дополнителен и непотребен трошок во економскава криза.

– Трговецот е должен информациите од ставот (1) на член 6 на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот – стои во поглавјето за информирање на трговците.

– Ова е проблематично. Сметам дека решението од Законот за потрошувачи, може да ни биде добра лекција дека треба да влеземе во период на усогласување на решенијата а не само на меѓусебно консултирање како чинители – порача вицепремиерот Битиќи.

Во Стопанската комора чекаат одговор.

– Бизнисот сака да работи по законите, но има потреба нејасното да се разјасни. Владата ќе носи одлуки како смета, но ако влегуваме во размена на аргументација, убаво би било аргументите да бидат соодветно третирани – порача Зоран Јовановски, советник во СКМ. Досега најголема реакција пристигна од партијата Левица, од каде што рекоа дека „ова е првпат на приватни субјекти да им се наметнува ваква обврска и дека ќе поднесат предлог-закон за измена на Законот за заштита на потрошувачите со кој ќе се бара враќање на обврската за информирање во претходната состојба“.

Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, многу трговци и натаму одбиваат да примат производи без соодветни декларации, бидејќи казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена.

– Дуќанот ми е полупразен. Ова е прв закон што нè засега, а без преоден рок. И производителите и дистрибутерите не може да постигнат да ја исполнат обврската, а во исто време да ни достават стока – вели еден сопственик на продавница во Аеродром. Од она што се гледа на рафтовите, сè уште има производи, главно од увоз, кои на амбалажата имаат вакви декларации.

Според измените во Законот за тутун, од ноември 2020 година, на амбалажата на кутиите од цигарите, освен на македонски јазик, текстот е и на албански односно на писмото што го употребуваат најмалку 20 отсто од населението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот