Гласни апели за отфрлање на предлог-законот за неработна недела: Низ дупките во параграфите, газдите ќе ги газат работниците

Фото: МИА

Од „Гласен текстилец“ и од Конфедерацијата на слободни синдикати сметаат дека ваков закон ќе ги доуништи работничките права

Здружението „Гласен текстилец“ и Конфедерацијата на слободните синдикати бараат од собраниска процедура да се повлече законското решение за недела неработен ден и да се врати на повторна доработка, во која ќе биде вклучена стручната фела и претставниците на работниците. Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ порача дека ова законско решение не претставува никакво подобрување на работничките права, а Благоја Ралповски, претседател на КСС, апелира до пратениците да не дозволат капиталот да ги крои законските права.

– Децидно бараме недела да биде неработен ден за сите освен за дејностите што се од витален карактер, како здравство, полиција, одбрана. Бараме трговските центри, рудниците и останатите дејности што се наведени во законските измени да не работат, оти нивната дејност сама по себе не е неопходна за работа во недела – напиша Ампева на Фејсбук. Од Здружението сметат дека недела неработен ден е класична манипулација, а моменталното законско решение се носи зад затворени врати.

– При донесување на првата нацрт-верзија на измените на Законот за работни односи беа опфатени 34 дејности што ќе работат во недела, а во последните поднесени измени во Собранието стои 41 дејност, иако нивната работа не е  неопходна во недела. Очигледна е празнината во делот на помошните или придружни дејности, а кои ќе се уредуваат со посебен правилник од министерот за труд и социјална политика во рок од 60 дена по донесување на законот. Во тој правилник повторно можат да бидат додадени дејности, по притисок од капиталот, кој очигледно ги крои законите во нашата држава. Бараме работниците што ќе работат во недела да имаат задолжително користење слободен ден во неделата, бидејќи тоа е уставно загарантирано право. Предложените законски измени имаат многу аномалии бидејќи за работа во недела е предложено работникот да добие додаток на работа од 50 отсто, за кое ние сметаме дека треба да изнесува минимум 100 отсто – објаснува Ампева.

Од Конфедерацијата на слободните синдикати, пак, оценија дека работодавачите и капиталот не смеат да ги кројат законите во држава, ниту пак имаат право да ги одземаат уставно загарантираните права на нашите работници и работнички.

– Ај што не бевме поканети на расправата на седницата во Комисијата за труд и социјална политика, туку и ја демантираме министерката Шахпаска дека сме се сложиле со ваквата верзија на измените на ЗРО. Со бајпасирање на ЗРО и измена на Законот за трговија се дозволува работниците во трговијата повторно да работат во недела, што само по себе кажува дека Владата повторно подлегнува под притисокот на капиталот за сметка на трудот. Сè погласни се и работодавачите од градежниот сектор, кои исто така бараат недела да биде работен ден, а изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека на автопатиштата што ќе се градат во Македонија работниците ќе работат и по 60 часа, покажува дека ова е чиста манипулација и предизборен популизам за сметка на трудот на работникот – изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот