Интервју со Андреј Ѓурчиновски: Билјардот е мојата љубов и мојата иднина
„Чувството е навистина прекрасно да се биде најмладиот шампион на Македонија. Иако за мене ова претставува неверојатен успех, сепак ми дава уште поголема мотивација и желба да продолжам понатаму кон уште поголеми успеси, не само на државно, туку и на европско и светско ниво. Овој успех е доказ дека со многу труд, работа и љубов секоја цел е достижна“, вели Ѓурчиновски.
„Талент, страст и посветеност“ – овие три зборови најдобро го опишуваат тинејџерот Андреј Ѓурчиновски, кој на само 15 години ја освои титулата државен првак во македонскиот билјард. Со само неколку години искуство зад себе, Андреј го освои златниот медал на домашното првенство, победувајќи ги токму оние од кои учел и кои го вовеле во спортот што бара голема концентрација и техничка умешност.
Препорачано
За младиот Ѓурчиновски, 2025 година ќе остане запаметена и по освоениот бронзен медал на Европското младинско првенство, со што уште еднаш потврди дека Македонија има билјард-таленти кои допрва треба да се развиваат. Во ова интервју откриваме кога и како се заљубил во билјардот, како изгледаат неговите тренинзи, што значат овие успеси за него и какви се неговите амбиции за иднината.

Андреј, кога и како за првпат се запозна со билјардот?
– Со билјардот се запознав на мои 10 години, односно во 2020 година, заедно со мојот татко, за време на короната. Тогаш за првпат се запознав со спортот, со опремата и со правилата. Во тој период многу често, кога ќе ни беше досадно, одевме на билјард да поиграме и да ме поднаучи. Тогаш сфатив дека билјардот е тоа што сакам да го правам.
Дали веднаш почувствува дека ова е спортот на кој сакаш сериозно да му се посветиш?
– Откако за првпат ја фатив штеката и се наведнав над масата, веднаш ми се вроди таа љубов која секој ден расте кон овој спорт. Навистина, овој спорт ми причинува огромно задоволство и среќа додека го играм и ќе го играм сè додека ме прави среќен.

Кој прв ти даде поддршка и те охрабри да започнеш со тренинзи?
– Мојата фамилија е мојата најголема поддршка до ден-денес, без разлика дали станува збор за билјардот, училиштето или нешто друго. Тие секогаш се тука за мене и ми даваат поддршка во секое поле од животот. Мојот татко беше првиот што ме охрабри да започнам со тренинзи и сериозно да го тренирам овој спорт. Тој ми е и до ден-денес тренер и не планирам скоро да го сменам, иако понекогаш се караме и имаме несогласувања, но тоа е нормално доколку сакам да бидам врвен спортист.
Андреј, на само 15 години стана шампион на Македонија во билјард. Какво е чувството да се биде најдобар во државата на толку млада возраст?
– Чувството е навистина прекрасно да се биде најмладиот шампион на Македонија. Иако за мене ова претставува неверојатен успех, сепак ми дава уште поголема мотивација и желба да продолжам понатаму кон уште поголеми успеси, не само на државно, туку и на европско и светско ниво. Овој успех е доказ дека со многу труд, работа и љубов секоја цел е достижна.
Дали очекуваше дека оваа сезона ќе заврши со шампионска титула?
– Претходните две години завршив на второто место, така што сигурно бев фаворит да бидам шампион оваа година. Меѓутоа, се обидував да си ја играм мојата игра и да не мислам каков ќе биде исходот од турнирите во текот на годината. Се трудев максимално да се фокусирам и да уживам во играта, без разлика дали ќе бидам шампион или не.

Колку време дневно посветуваш на тренинзи и на што најмногу работиш во текот на еден тренинг?
– Посветувам околу три часа дневно, седум пати во неделата, на билјардот. Кога сум на летен или зимски распуст, имам и по две тренинг-сесии во текот на денот. Тренинзите за мене се исклучително важни за напредокот на еден играч, бидејќи токму тие го прават играчот константен. Јас лично ги тренирам сите делови од играта, но најмногу внимание обрнувам на моите слабости, бидејќи е многу важно да се излезе од комфорната зона.
Кој ти е идол во билјардот и дали има играч од кого најмногу се инспирираш?
– Мојот идол во билјардот е Џејсон Шоу од Велика Британија. Тој е играч кој, според мене, има најубав ритам и движење околу масата и неслучајно е омилен кај многу луѓе. Иако нема светска титула, неговата игра секогаш ме воодушевува и ме инспирира да бидам како него. Еден мој пријател ми донесе и негов дрес, потпишан специјално за мене, и тоа навистина многу ми значи. Се надевам дека еден ден ќе имам прилика да го запознам и да одиграме заедно.


