Генчовска: Бугарија не го признава македонскиот јазик, прво промена на Уставот, па почнуваат вистинските преговори со ЕУ
Протоколот содржи исклучително амбициозни мерки, кои во пракса имаат за цел да решат многу од отворените прашања. Ова не е документ сам по себе, туку составен дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“. Оттука, ние продолжи работата на ниво „експерти“ со тим од Репоблика Северна Македонија, рече денеска бугарската министерка Теодора Генчовска во Софија на прес-конференција по церемонијата на потпишувањето на билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство, за кој бугарските медиуми известуваат дека ќе биде дел од преговарачката рамка на Скопје за членство во ЕУ и содржи мерки за наставните програми за историја, говор на омраза и култура.
Генчовска рече дека отсега зависи само од Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе се одолговлекува преговарачкиот процес.
– При одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од страна на чешкото претседателство со ЕУ, Република Северна Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција. Дури по овој процес ќе има втора меѓувладина конференција, по што всушност ќе започне преговарачкиот процес. Овој период зависи од властите во РСМ, може да трае три месеци, како што беше при промената на името на државата, може да трае две години – нагласи таа.
Вистинските преговори со Албанија ќе започнат веднаш по првата меѓувладина конференција, додаде.
Според неа, следните чекори треба да доведат до вклучување на Бугарите во Уставот на РС Македонија.
На новинарско прашање Генчовска посочи дека Бугарија не отстапува од ставот за македонскиот јазик.
– Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 земји-членки, сепак, ова е поконкретно, тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став, но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка – рече Генчовска.
Бугарската позиција останува, објасни и заменик министерката Велислава Петрова. Таа нагласи дека утре Софија ќе се изјасни дека не го признава македонскиот јазик.
Министерката Генчовска нагласи и дека нема промена во т.н француски предлог и дека преговарачката рамка е таква каква што им е дадена.
– Овој политички и долг разговор во РС Македонија беше насочен кон нивната јавност, но веќе појаснивме дека нема да има промена – нагласи Генчовска.
Таа потсети дека во денешниот протокол што го потпишаа двете страни има конкретни рокови за што треба да го направи Македонија. Документот, рече таа, ги вклучува четирите барања на бугарската страна – да се решат историските прашања, да се вклучат Бугарите во Уставот, да се стави крај на јазикот на омразата и Македонија да ги отвори досиејата на југословенските тоталитарни комунистички служби (УДБА).
– Навистина, денеска сите бевме сведоци на еден многу важен момент – состанок на втората меѓувладина комисија. На средбата се разговараше за тоа што е сработено во секторските политики, има пет работни групи, беше пријавен напредок и се разговараше за тоа што и кога би можело да се случи во секторите енергетика, транспорт, градежништво, култура итн. Најважниот резултат е потпишувањето на вториот протокол. Содржи исклучително амбициозни краткорочни и долгорочни мерки, кои во пракса имаат за цел да решат голем дел од отворените прашања – рече таа.
Генчовска нагласи дека овој протокол не е документ сам по себе, туку е дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“. Има механизам за следење на неговото спроведување и ги обврзува другите земји-членки да го следат, што според неа, е највредното од т.н француски предлог.
– Како што повеќе пати изјавивме, тоа е составен дел од пакетот на францускиот предлог, мислам на Рамката за преговори и на заклучоците на Советот. Отсега продолжуваме со работата на ниво на експертски групи со колегите од РСМ со цел подобра координација и нивните следни чекори кои се однесуваат на промена на Уставот и вклучување на Бугарите не само во основниот закон, но и во останатиот дел од законската регулатива – рече министерката Генчовска, која му се заблагодари на тимот на МНР за нивната професионална работа.