Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Цимет ролнички што ќе ви ја стоплат душата
Дијана Иваноска од Тетово со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.
Препорачано
Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Дијана денеска споделува едно вистинско гастрономско уживање – цимет ролнички.
„Бриош тесто, крцкаво однадвор и меко внатре, со прекрасна арома на цимет“, порачува Дијана.
Состојки:
За тестото:
– 450 г брашно
– 1 ќесичка сув квасец
– 1/2 лажиче сол
– 50 г шеќер
– 150-160 мл млеко топло
– 60 г путер стопен
– 2 јајца изматени
За филот:
– 70 г омекнат путер
– 100 г кафеав шеќер
– 8 г (1 лажица) цимет
За преливот:
– 115 г крем-сирење
– 30 г омекнат путер
– 1 лажица ванила екстракт
– прстофат сол
– 1 лажиче сок од лимон
– 200 г шеќер во прав (може и помалку ако сакате да биде помалку благо)
– 1 лажица млеко
– 2-3 лажици млеко за регулирање на густината
Подготовка:
Во длабок сад измешајте го брашното со солта, шеќерот и квасецот. Во друг сад измешајте ги влажните состојки, топлото млеко, стопениот путер и јајцата. Додајте во брашното и замесете меко тесто.
Оставете го тестото во покриен сад на топло да стаса, приближно 1 и 1/2 час.
За филот измешајте го путерот со шеќерот и циметот.
На набрашнета работна површина расукајте го тестото во правоаголник. Премачкајте го со филот. Завиткајте ролат и исечете на парчиња со дебелина од 2-3 см. Наредете ги ролничките исправени во тавче за печење. Оставете простор меѓу нив бидејќи ќе нараснат. Покријте ги ролничките со чиста крпа да стасаат уште половина час. Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови. Печете ги околу половина час или додека поруменат убаво. Ако ви е силна рерната, може по 20 минути да ги покриете со фолија да не потемнат многу.
За преливот изматете ги сите состојки убаво. Ако не сакате многу густ прелив, додајте 1-2 лажици млеко плус.
Топлите ролнички премачкајте ги со преливот и уживајте. Најдобри се додека се топли.


