Парламент Франција
Француските пратеници/ Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Франција поништи закон што ги класифицираше луѓето како сопственост – 178 години по укинувањето на ропството

Речиси 180 години откако Франција го укина ропството, Црниот законик (Code noir), кој дозволуваше поробените луѓе да бидат третирани како сопственост и да бидат принудувани на работа, тепани, продавани, силувани или убивани, сè уште остануваше во сила. Француското национално собрание, во редок пример на политичко единство, денеска едногласно изгласа негово укинување, пренесува Гардијан.

Гласањето, усвоено со 254 гласа „за“ и ниту еден „против“, стави крај на закон од 17 век, потпишан од кралот Луис Четиринаесети во 1685 година, кој го регулирал третманот на поробените луѓе во француските колонии.

Ова е важен чекор во признавањето на улогата на Париз во ропството и ќе отвори пат за можни репарации – идеја што минатата недела ја спомена францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот лидер изјави дека законикот „никогаш не требало да опстане по укинувањето на ропството“ во 1848 година.

„Молкот, па дури и рамнодушноста што речиси два века ја одржувавме кон овој црн законик повеќе не е превид. Тоа стана форма на навреда“, додаде тој.

Макрон рече и дека прашањето за репарациите е нешто „што не смееме да го одбиваме“, но дека земјата „не смее да дава лажни ветувања“.

Емоциите беа силни во долниот дом на парламентот за време на дебатата пред гласањето, а многумина беа зачудени што законот сè уште постоел.

„Ниту едно гласање само по себе не може да поправи векови уништени животи, рече со солзи во очите Стиви Густав, пратеник од францускиот карипски остров Мартиник, чии предци биле поробени.

„Ние не сме потомци на робови, туку потомци на човечки суштества родени слободни, а потоа сведени на најлошото – сведени на ропство“, дополни тој.

Шеесетте членови на законикот ги опфаќале сите аспекти од животот на еден роб. Членот 44 прогласувал дека човек е „подвижен имот“, додека други одредби наредувале оние што ќе побегнат да бидат осакатени и дека зборот на поробен човек не вреди ништо.

Макс Матијасен, француски пратеник од Гуаделуп од јужниот Карипски регион, кој го поднесе предлогот за укинување на законот, рече дека купил примероци од оригиналниот текст, но никогаш не успеал целосно да ги прочита.

„Како праправнук на луѓе кои биле поробени, никогаш не можев да го прочитам до крај. Ова е создадено од човечки суштества против човечки суштества“, им рече тој на пратениците.

Тој додаде дека гласањето е „начин да им се врати достоинството на нашите предци, да ни се врати човечноста“. Тоа, според него, значи исполнување на ветувањето на Француската Република за слобода, еднаквост и братство.

Франција била третата најголема држава во трговијата со робови, по Британија и Португалија. Таа транспортирала околу 1,4 милиони Африканци на плантажи за шеќер во своите колонии. Богатството создадено од тоа ги изградило градовите Нант и Бордо.

Најбогатите од тие плантажи се наоѓале во Сант-Доминик, француска колонија основана во 1687 година на западната третина од карипскиот остров Хиспаниола. Во 1804 година, поробените луѓе таму се кренале на востание и обезбедиле независност на територијата што подоцна станала Хаити. Сепак, Париз ги принудил ослободените робови да плаќаат репарации за загубите на нивните поранешни сопственици – долг што го отплаќале сè до 1947 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот