Франција планира да ги забрани „вејповите“

„Вејп“ електронска цигара за една употреба / Фото: Nicholas.T.Ansell / PA Images / Profimedia

Франција е подготвена да ги забрани електронските цигари за еднократна употреба – познати како „вејпови“ – поради опасноста што ја претставуваат за животната средина и јавното здравје.

Неодамна, говорејќи за радио РТЛ, премиерката Елизабет Борн рече дека мерката е дел од новиот план против пушењето што го подготвува владата. Тој треба да биде во сила до крајот на годината, велат учесниците во кампањата.

Елизабет Борн
Елизабет Борн / Фото: EPA-EFE/Mohammed Badra

Неколку други земји во Европа, вклучувајќи ги Германија, Белгија и Ирска, најавија слични забрани.  Обединетото Кралство исто така размислува за таква слична забрана, пишува Би-Би-Си.

Продавани во голем број продавници, „вејповите“  во Франција чинат околу 9 евра, малку поевтино од кутија цигари. Француската Национална медицинска академија ги опиша како „особено итра замка за децата и адолесцентите“.

Според Елизабет Борн, „тие создаваат рефлекс, гест, на кој децата се навикнуваат, а потоа завршуваат попривлечени кон тутунот“.

Активистите ги обвинуваат производителите – многумина со седиште во Кина – дека намерно ги таргетираат тинејџерите, користејќи светли бои и низа вкусови кои потсетуваат на слаткарниците, на пример, бел слез, чоколадо и лешник, лубеница и ледени бонбони.

Според Алијансата против тутунот (АКТ), 13% од 13-16-годишните луѓе пробале „вејп“ барем еднаш. Повеќето велат дека започнале на возраст од 11 или 12 години.

„Забраната е голема победа за граѓанското општество. Овие е-цигари за еднократна употреба делуваат како порта за пушење за младите луѓе“, вели претседателот на АКТ, Лоик Јосеран. „Тоа стана епидемија. Страшно е како тутунската индустрија тргна да ги закачи децата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот