ФОТО+ВИДЕО | Дали е ова најопасниот музички инструмент некогаш направен?

Фото: Wikimedia Commons

Бенџамин Френклин е креатор на стаклената хармоника, која произведува небесни ноти кои некогаш предизвикувале страв од лудило, пишува IFLScience.

Дури и ако не ја препознаете оваа чудна направа, големи се шансите дека сте го слушнале звукот што го прави. Ова е музички инструмент измислен од никој друг, туку Бенџамин Френклин.

Фото: Wikimedia Commons

Еден од седумте татковци на Соединетите Американски Држави, ликот на Бенџамин Френклин сè уште е овековечен на банкнотата од 100 долари, а тој беше познат по своите многубројни пронајдоци како шпоретот Френклин, уринарниот катетер и громобранот. Френклин, исто така, бил совршен музичар, па можеби не е изненадувачки што неговата имагинација се разгорела кога присуствувал на концерт во 1761 година и слушнал вонземјански звук што го инспирирал да измисли една од неговите најзачудувачки креации досега. Тој ја нарекол стаклена хармоника.

Дали некогаш сте го протриле прстот околу работ на чаша за вино за да го слушнете звукот што го произведува? Токму тоа е звукот на стаклената хармоника.

Кога Френклин на концертот во 1761 година гледал оркестарски музичар како свири на чаши за вино полни со вода, тој веројатно помислил: „Можам подобро од тоа“. Се разбира тој отишол чекор подалеку, со вкупно 37 стаклени чинии, кои ги наместил на ротирачки механизам со кој музичарот може да управува со помош на педалата за нозе. Неговиот инструмент полесно се ракувал, а музичарот можел да произведе до 10 ноти одеднаш. И така се родила стаклената хармоника.

Пронајдокот на Френклин покрај класичната музика, своето место го најде и во музиката на Том Вејтс, Дејвид Гилмур и Бјорк.

Но, сепак, има и темна страна на музиката на стаклената хармоника поради што некои ја нарекуваат „најопасниот инструмент на светот“.

Во 18 век, се стравувало дека стаклената хармоника има моќ да го излуди слушателот. Во тоа време, германскиот музиколог Фридрих Рохлиц ги советувал луѓето да избегнуваат да ја свират.

„Хармониката прекумерно ги стимулира нервите, го втурнува свирачот во досадна депресија и оттаму во темно и меланхолично расположение што е соодветен метод за бавно самоуништување“, изјавил Фридрих.

Современите музиколози веруваат дека има објаснување зошто звуците на стаклената хармоника можат да имаат дезориентирачки квалитет. Инструментот произведува звуци на фреквенции помеѓу 1.000 и 4.000 херци, приближно. На овие фреквенции, човечкиот мозок се бори да може точно да одреди од каде доаѓа звукот. Ова може да објасни зошто, барем за некои луѓе, слушањето на оваа музика може да биде вознемирувачко искуство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот