ФОТО+ВИДЕО: Уривањето на една барака во Тафталиџе го наполни воздухот со азбестни честички, жителка се жали на силна алергиска реакција

Жителите на улица Букурешка во Тафталиџе се загрижени за своето здравје откако деновиве беше урната стара барака изградена од азбестни материјали. До нашата редакција стигна реакција од жителка, која објаснува дека при уривањето не се постапувало правилно и наместо да се отстрануваат цели плочи за да не се разнесат азбестни честички, кои се канцерогени, бараката била урната со багер. Сега азбестот е во воздухот, по дворовите и по фасадите на околните куќи.

ФОТО | Реакција по уривањето на барака полна со азбест во Карпош: Урбаната мафија го загадува воздухот, властите не преземаат мерки

Како што објаснува архитектката Ида Хрисохо-Лозановски, која во 1996 година има добиено награда токму од областа на екологијата, тие апелирале до соседите да реагираат пред да се урива бараката, дека таа треба да се демонтира панел по панел, работниците да бидат облечени во специјални облеки и отпадот да се депонира на некое соодветно место. Меѓутоа, според неа, сопствениците не одговориле на нејзиниот апел, по што таа испратила писмо и до градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

– Дојде инспекција, рече дека е важно што решението е правосилно, сѐ е супер. А, што нема ограда, метална или каква било, тоа не беше ништо ни важно, па и не морало да има ограда, во ред. Повратниот одговор од градоначалникот беше дека сѐ е супер, во ред – вели Хрисохо-Лозановски.

Како последица од уривањето, таа вели дека од азбестни честички, кои се разнеле низ околината, ѝ се појавила алергиска реакција и црвенило на очите, а сега стравува дека може да биде и полошо кога наскоро ќе се урне и втората барака, која се наоѓа веднаш зад урнатата.

Од Општина Карпош тврдат дека веќе три дена, општински инспектори се на терен и е утврдено дека азбестните материјали се отстранети рачно, по утврдениот протокол за одложување опасен отпад, кој е транспортиран до ЈП депонијата „Дрисла“. Но, сликите што нашата екипа ги направи на терен, поинаку кажуваат, затоа што се гледаат остатоци од материјали од кои била изградена бараката.

– Од утринава теренот и околината се целосно расчистени, а на терен е и нашиот овластен инспектор за животна средина, како и претставници од Државниот инспекторат за животна средина. Ја користиме оваа можност да посочиме дека во тој дел од Карпош, каде што има бараки изградени по катастрофалниот земјотрес (во 1963 година), при секое нивно уривање се води сметка за почитување на протоколот за одложување опасен отпад. Ова подразбира рачно, а не машинско отстранување на азбестните материјали од бараките, со цел да се спречи нивна концентрација во воздухот. И оваа постапка е испочитувана и во горепосочениот случај – одговорија од општина Карпош за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека во случај да не се запази соодветната постапка, следува казна за кој било инвеститор и тврдат дека живеењето во населбата е безбедно и не постои закана по здравјето на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот