ФОТО + ВИДЕО: Има ли шанси Украина да победи во нова војна со Русија?

Киев и западните сили се најдоа во небрано кога Русија почна да распоредува воени сили на границата со Украина. Прашувајќи се која точно му е намерата на Владимир Путин – дали се подготвува за инвазија врз Украина или само блефира за да избоксува подобра преговарачка позиција со Киев, Брисел и Вашингтон, останаа да се двоумат околу адекватниот воен одговор на руските сили.

Станува аларматно тоа што маневрите на руската војска вклучуваат и конструкција на полски болници, преместување на тенкови и топови и разместување на мобилни платформи за лансирање на ракети со краток дострел од типот Искендер. Само последните две недели две руски армии и три воздухопловно – десантни формации се испратени на западот на Русија, наводно поради воени вежби.

Рускиот арсенал изложен на денот на победата во Москва/ Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Украинските разузнавачи за БиБиСи потврдија дека Русија префрлила дури 16 тактички баталјони односно 14 илјади војници, поблиску до границата. Според украинските проценки Русија сега има вкупно околу 80.000 војници – 40.000 во Воронеж, покраината на границата со Украина кај Донбас, односно одметнатите покраини Луганск и Доњецк кои се под контрола на руските сепаратисти, уште 40.000 во Крим, украинскиот полуостров кој Русија го окупираше и потоа го анектираше врз основа на оспоруваниот референдум од 2014 година.

Путин нареди мобилизација на половина милион војници, потврдуваат експерти

Американски и руски воен аналитичар дадоа свои коментари за распоредувањето на масивни руски воени сили долж границата со Украина, а се мобилизира и Црноморска флота, која сега брои дури 45 бродови, така што ги има речиси сите компоненти потребни за инвазијата – освен, можеби, авијацијата, чија преселба сè уште не е забележана, но тоа не значи дека не може да следи напад.

„Ова движење се издвојува како можеби најголемото ненајавено движење на силите од руската инвазија на Крим“, коментира за Гардијан Томас Булок, аналитичар на разузнавачката фирма Џејнс Информејшн груп, додавајќи дека илјадници руски војници пристигнале во Воронеж дури и од Сибир, како и од границата со Естонија.

И независниот руски воен аналитичар Павел Фелгенхауер тврди дека Путин наредил мобилизација на повеќе од 500.000 руски војници.

“Ова е демонстративна мобилизација. Русија не го крие тоа, а руските сили се движат дење, без никакви мерки за прикривање. Руски официјални лица отворено велат дека руските сили се движат.

Дури е издадено и официјално соопштение дека рускиот нуклеарен арсенал е подигнат на повисоко ниво на подготвеност и руските мобилни интерконтинентални ракети се извлечени од складиштата низ земјата за можно лансирање на Америка и нејзините сојузници “, коментира Фелгенхауер за Еуроњуз.

Проруски сепаратисти стационирани во Луганск и Донбас во Украина/ Фото: EPA-EFE/ALEXANDER ERMOCHENKO

Станува збор за повеќе од половина милион руски војници стационирани од Пацификот до Балтикот кои добија наредба да се движат и распоредуваат долж границата со Украина, потврдуваат експертите.

Отворени закани од Русија – војната ќе биде катастрофална за Украина

Ваквата драматична мобилизација упатува јасна порака дека Путин – ако сака може да му нанесе катастрофален удар на неговиот западен сосед, чиј суверенитет отворено го доведе во прашање во 2014 година, во времето на анексијата на Крим и војната во источна Украина.

Дури и Кремљ директно преку своите официјални претставници упати отворени закани до Украина. Заменик-шефот на канцеларијата на рускиот претседател Дмитриј Козак минатата недела рече дека „почетокот на воената акција“ од Киев „ќе биде почеток на крајот на Украина“ како држава, иако нема индиции дека украинскиот претседател Володимир Зеленски има намера да започне офанзива на територијата под руска контрола.

-Русија е подготвена за поголема војна со Украина која ќе резултира со многу поголем пораз за украинските сили. Барем тоа е позицијата што ја заземаат“, изјави за Гардија Мајкл Кофман, постар истражувач во американската истражувачка организација Центар за поморска анализа кој потсетува на големите загуби на Украина во 2014 година против руските сепаратисти.

А билансите од седумгодишната војна на украинска територија се јасни. Воените дејства започна по прозападната револуција и соборувањето на прорускиот претседател во Киев, беа убиени повеќе од 13 000 луѓе, вклучувајќи 4500 украински војници, а околу 1,5 милиони беа раселени. Во меѓувреме, Русија продолжи воено да јакне, а освен во Украина свотите сили ги тестираше и на боеното поле во Сирија.

Има напредок во украинската армија, ама недоволно да ги одбие нападите од Русија

Оттогаш досега напредуваше и се модернизираше и украинската војска во однос на војската, артилеријата и противвоздушно оружје како и оперативните борбени авиони.

Воени маневри на украинската армија во 2018/ Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

-Покрај набавувањето на ограничена количина нови воени беспилотни летала и безбедна комуникациска опрема и посовремени тенкови, Украина сега „го одржува своето советско (воено) наследство многу подобро отколку порано“, украинскиот воен аналитичар Микола Бијалишков за „Гардијан“.

При првиот налет на Русите во Донбас во 2014 година украинските сили не беа доволно неподготвени за војна, особено нејзините воздушни сили и артилерија. Баталјони доброволци, од кои некои имаа врски со екстремно десничарски партии, ги исполнија дупките на фронтот.

Но оттогаш Украина го зголеми воениот буџет од 1,9 милијарди на повеќе од 4,7 милијарди долари и формираше 38 нови линиски и артилериски бригади. Инвестираше особено во артилерија, бидејќи во битките од 2014 и 2015 година Русија доминираше со своите ракети со голем дострел на бојното поле, нанесувајќи им до 80% загуби на украинските сили.

Целата ситуација сепак изгледа безнадежна за Украина и во корист на Русија која има далеку поголема и понапредна војска и во случај на општа инвазија, најверојатно, би се користела многу поинаква и поагресивна тактика отколку во „хибридната инвазија“ во 2014 година. Оваа офанзива најверојатно би вклучувала воздушни напади, падобранци и специјални сили, како и електронско војување, па експертите коментираат дека по одбивањето на првичните напади, по неколку недели украинската армија може да премине во урбана и герилска војна, што ќе ја продолжи и комплицира руската инвазија.

Русија е втора суперсила во светот, Украина на 25 место

Од друга страна руската армија е во уште подобра кондиција и подготовска отколку во 2014-2015 година.

Русија ќе се обиде да реализира „кратка и остра“ офанзива и со тоа да избегне долга и исцрпувачка војна за територијата во која Украина исто така може да мобилизира резервни сили, смета Кофман.
Според рангирањето на специјализираната воена страница Глобал Фајрпауер, Русија има дури еден милион активни припадници на редовните вооружени сили со уште два милиони резервисти, но и половина милион припадници на паравоените сили. Од друга страна, Украина има 255.000 активни војници и 900.000 резервисти, заедно со 90.000 резервисти.

Украински војници го бранат Донбас/ 2018 година/ Фото: EPA-EFE/MARKIIAN LYSEIKO

Русија има 13.000 тенкови – интересно, тоа е двојно повеќе од оние што ги има САД – 6.100. Украина има само 2430. Русија има вкупно 27.100 оклопни возила, а Украина 11.435. Додека Русија има 6.540 парчиња самоодна артилерија и 3.860 мобилни ракетни лансери, Украина има само 785 први и 550 последни.

Додека Русија има дури 603 воени бродови, од кои едниот е носач на авиони, Украина има само 25 бродови – помалку од руската Црноморска флота. А, руската надмоќ е особено изразена во воздухот, со 4.144 авиони, од кои 789 борбени авиони и 1.540 хеликоптери, во споредба со само 285 украински воени авиони, од кои 42 борбени авиони и 111 хеликоптери.

Руски воен брод/ Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

И додека рускиот воен буџет (42 милијарди долари) е сè уште далеку помал од американскиот (740,5 милијарди), тој сепак е речиси 10 пати поголем од украинскиот. Русија е втора најголема сила во светот на рангирањето на Глобал Фајрпауер, а Украина на 25. место. Затоа, јасно е дека во случај на голема руска офанзива против Украина, клучен фактор ќе биде помошта на НАТО – или нејзиното отсуство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот