ФОТО РЕПОРТАЖА ОД ТУРЦИЈА: Бисерот на тиркизното крајбрежје и неговите убавини

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Анталија – бисерот на таканаречената Турска Ривиера и Тиркизното крајбрежје е петтиот најголем град по население во цела Турција, a денеска е поделен на два дела: Eден современ, со широки улици и булевари, модерни станбени згради, богат со најразлични содржини за ноќен живот, додека другиот дел е стариот град, Калеиџи, изграден окoлу старото пристаниште и денеска претворен во туристичко срце на градот.

Македонците често ја посетуваат Анталија, а најчесто ќе ви споделат искуства од плажи, луксузните хотели и сите нивни подобности кои ги нудат, но „Слободен печат“ имаше прилика и да прошета во срцето на овој туристички центар и да научиме малку повеќе за локалната култура и историја.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Во Римско време градот бил опкружен со ѕидини а денеска таму ќе најдете тесни, поплочени улички, стари турски куќи, џамии, анови, амами..повеќето со сочуван автентичен изглед каков што имале во времето на изградба.

Голем дел од овие градби се во сопственост на професори, дипломати и други истакнати личности во Турција, од кои во повеќето никогаш не можете да влезете, меѓутоа со нивниот реставриран, но сепак сочуван оригинален изглед, му даваат посебен шмек на градот.

На самиот плоштад се наоѓа и споменик од турскиот татко – Кемал Мустафа Ататурк, кому токму Анталија му била омилениот град за летување, па речиси секое лето сакал да престојува овде, поради што покрај споменикот, во овој град постои и спомен куќа на Ататурк.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Испакнатите чардаци, споменатите улички и самиот дух на градот, неодоливо ќе ве потсетат на стариот дел на Охрид, па веројатно ќе добиете уште поголема желба да го истражите овој магичен град.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Голем број на ресторани, кафулиња, слаткарници и клубови се наоѓаат во стариот дел Калеиџи кој е и културен центар на градот и во кој се одржуваат најразлични уметнички манифестации, а во Анталија е се наоѓа и главниот аеродром кој го опслужува туризмот во овој дел на Турција.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

На почетокот споменавме оти градот е поделен на два дела, а за да влезете од новиот во стариот град Калеиџи, потребно е да поминете покрај Портата на Адријан или Шкапилар, која претставува триумфална капија и најважниот историски објект во Анталија, а која е изградена во името на римскиот император Адријан, кој го посетил градот во 130 година.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Таа е всушност и единствената преостаната влезна порта во ѕидовите што го опкружуваат градот и пристаништето.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Додека се шетате по уличките во центарот на градот, зависно од времето кога ќе го направите тоа, дали ќе се одлучите наутро кога има помалку гужва, или пак навечер, речиси на секој чекор ќе ве привлечат интересни ресторани и кафулиња на кои тешко се одолева, но и многу продавници и антикварници, од кои љубезните зборови на локалните продавачи просто ве мамат да потрошите некој денар.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

И да, доколку немате време да смените денари во лири, не грижите се, бидејќи во Анталија, но и во цела Турција, можете да купувате буквално секаде со кредитна картичка, па така и семки, сладолед, магнети, буквално се што ќе посакате и каде ќе посакате можете да платите на тој начин.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Откако направивме прошетка низ градот, уживајќи во убавиниот на стариот и новиот дел, се спуштивме кон пристаништето, каде сончевото време придонесува да уживате во глетки кои се за паметење, а бродовите и натаму се украсени со пиратски глави, со цел да се прикаже оти во минатото неретко пиратските бродови знаеле да доаѓаат токму овде.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Имавме прилика и да пловиме со брод, што е навистина специјално искуство, како и да уживаме во вкусната морска храна, која ја нудат локалните ресторани со поглед кон Средоземното море.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Сепак, доколку не сте љубител на риба и морски плодови, во секое време можете да си порачате специјалитети со телешко, јагнешко или пилешко месо, бидејќи без разлика што се наоѓа на море, Анталија изобилува со секаков вид на храна.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Пливајте во морето, сончајте се на плажа, но доживејте го и градот онака како што ние имавме прилика да го направиме тоа, бидејќи Анталија е еден посебен град, „рај на светот“, кој ќе ви остави мемории кои долго ќе ги паметите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот