ФОТО: Полека но сигурно, рускиот “конвој на смртта“ се движи кон Киев, еве зошто заостанува

/ Фото: Maxar

Конвојот на руската војска се доближил околу пет километри до Киев во последните 24 часа, а сега руските трупи се на само 15 километри од центарот на главниот град, изјави за Би-Би-Си неименуван претставник на американската одбрана.

Новите сателитски снимки од четвртокот покажуваат дека рускиот „конвој на смртта“, како што го опишува „Дејли мејл“, кој последен пат е виден северозападно од Киев во близина на аеродромот Антонов, во голема мера се прегрупирал на помали делови.

Нова сателитска снимка за напредувањето на рускиот конвој кон Киев/Фото: EPA-EFE/MAXAR TECHNOLOGIES HANDOUT — MANDATORY CREDIT: SATELLITE IMAGE 2022 MAXAR TECHNOLOGIES — THE WATERMARK MAY NOT BE REMOVED/CROPPED — HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Снимките од американската компанија „Максер Технолоџи“ покажуваат дека тенковите биле распоредени во градовите во близина на аеродромот, северно од Киев, и дека некои возила преминале во блиските шуми, со хаубици подготвени да отворат оган. Конвојот беше формиран на почетокот на минатата недела кон Киев, но неговиот напредок запре, најверојатно поради недостигот на гориво и храна, но и поради украинскиот отпор.

„Киев се претвори во тврдина“

„Дејли мејл“ пишува дека битката за Киев „влезе во рана фаза“ и дека е извесно дека ќе биде „долга и крвава“. Повикувајќи се на украинските команданти, весникот наведува дека силите на рускиот претседател Владимир Путин напаѓаат северно, западно и источно од Киев.

Украина верува дека нејзиниот главен град, дом на околу три милиони луѓе, наскоро ќе биде опколен, по што Киев би можел да се соочи со слична судбина што го снајде Мариупол, кој 11 дена е под опсада, оставен без вода, греење и струја.

Дел од жителите се евакуираа од Киев, но другите останаа/Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Украинските единици за територијална одбрана задолжени за одбрана на градот беа снимени како копаат канали и поставуваат барикади, а градоначалникот на Киев Виталиј Кличко рече дека главниот град се претворил во „тврдина“ која ја бранат вооружени цивили, додека половина од населението го напуштило градот поради конфликтот.

-Главната цел на Русите е да го заземат Киев, да го опколат, а потоа да нападнат и да ја соборат владата. Нивните планови не се реализираат, благодарение на нашите момци во Буча, Ворзел, Ирпин и Гостомел, каде што се водат жестоки битки. Нашите момци ги попречуваат сите планови за опкружување на Киев – рече Кличко во четвртокот вечерта во видео обраќањето.

– Според последните проценки, секој друг граѓанин на Киев си замина – додаде тој.

Агенцијата за миграција на ОН во петокот соопшти дека вкупно 2,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина до 11-ти март.

Кличко рече дека комуналните служби во градот се уште работат.

Се поставуваат барикади низ центарот на Киев/Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

-Главниот град е топол, имаме вода, светилки и интернет. Повеќето аптеки и продавници се отворени. Градот обезбедува превоз на патници. Спасувачите чекаат луѓе на железничката станица. А оние кои сакаат да го напуштат Киев се испраќаат со возови на запад од Украина – изјави Кличко, поранешен професионален боксер, додавајќи дека „луѓето ќе станат“ и дека „непријателот нема да помине“.

Што значи распоредувањето на рускиот конвој?

Прашањето во врска со конвојот беше дали, како што тврдеа западните аналитичари, посочувајќи дека се очекува напад врз Киев, тој „запрел“ или се прегрупирал за да заземе позиции и да го опколи главниот град на Украина, пишува во анализата за „Гардијан“ Питер Бомонт кој е во Лавов.

Со оглед на тоа што оклопните единици се забележани во градовите во близина на аеродромот Антонов во Гостомел, северно од Киев, и возилата кои влегуваат во шумата со хаубици се подготвени да отворат оган, руските сили се поверојатно ќе постават опсада на двете страни на реката Днепар, рече Бомонт.

Но, како што истакна, се’ уште не е јасно дали Русите сакаат да го затворат обрачот околу Киев на југ или да го остават тој излез отворен. Бомонт рече дека поинтензивното бомбардирање на Киев ќе биде во согласност со неодамнешната руска тактика околу Мариупол и Харков.

Додека напредува рускиот воен конвој, конвој цивили од Киев излегуваат од градот/Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Иако руската војска може да ја смета опсадата за помалку ризична опција, со оглед на ефективноста на отпорот на Украина, таа не е без ризици. Според Бомонт, Украинците ефикасно користеле борбени дронови од Турција, а руските позиции окупирани надвор од градот за гранатирање би биле ранливи на напади, вклучително и од беспилотни летала.

Жителите решени да го бранат главниот град

Жителите на Киев, решени да го одбранат својот град, ископале ровови кои водат длабоко во шумата што го опкружува автопатот што од југ води до главниот град.

Цивилите кои останаа во Киев се вклучени во одбраната на градот/Фото: EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

Укрепените резервни позиции се подготвени, а по патот во редовни интервали се поставуваат огромни метални противтенковски барикади познати како „ежови“. На секој излез има импровизирани блокови направени од вреќи со песок и огромни бетонски блокови. Во одбраната има доброволци, од кои некои се вооружени со автоматски пушки и големи ножеви, наведува Си-Ен-Ен.

Олексиј Гончаренко, волонтер на една од одбранбените позиции во Киев, изјави за Си-Ен-Ен дека работи во четиричасовни смени на контролниот пункт.

– Добро е. Едноставно е ладно. Жителите ни даваат супа и такви работи – рече тој.

„Нема да бидете сами“

Речиси 40.000 доброволци им се придружиле на територијалните одбранбени сили на Украина во првите два дена од инвазијата, изјави началникот на Генералштабот на украинските вооружени сили. Само во Киев 18.000 цивили земаа оружје кога властите ги повикаа доброволците и резервистите да им се придружат.

Жените, децата и старците со воз се испраќаат кон источниот дел на Украина/Фото: EPA-EFE/MIKHAIL PALINCHAK

Си-Ен-Ен наведува дека „толку се пријавиле што морале да ги одбијат“, па помагаат на други начини. Прават молотови коктели, камуфлираат барикади, делат храна и пијалоци на стражарите и собираат пари за војската, градат блокади и бојат сообраќајни знаци за да ги збунат непријателските сили.

– Се обидуваме да се подготвиме за најлошото сценарио во кое би биле опколени од руски војници, а сите залихи би биле уништени. Затоа, се трудиме да ги направиме сите луѓе и секоја зграда подготвени за тоа – изјави Олексиј Еринчак, сопственик на книжарница во центарот на Киев, која сега е центар за волонтери.

– Ако се е блокирано, без интернет, телефон, ќе бидете заедно со соседите и тие можат да ви помогнат, нема да бидете сами – истакна тој.

Си-Ен-Ен наведува дека познатиот плоштад Мајдан во срцето на Киев сега е „тврдина“. Над плоштадот, местото на протестот во 2014 година, се вее украинското знаме.

Илјадници волонтери вклучени во одбраната на Киев/Фото: EPA-EFE/MIGUEL A. LOPES

Градските паркови сега се место за воени возила, додека бутиците, кафулињата и рестораните се опкружени со бариери. Електронскиот знак, кој инаку дава информации за сообраќајот, сега повикува „НАТО да го затвори небото“ или гласи: „Слава на Украина“. Еден од знаците гласи: „Станете руски војници. Како можете да ги погледнете своите деца во очи. Одете дома и бидете луѓе“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот