ФОТО: Македонија со нов пораз во Лигата на нации, Бугарија слави во Скопје

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Вечерва на натпреварот од последното шесто коло од групата „4“ од Ц сегментот во Лигата на нации на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје македонската А репрезентација загуби со 0:1 од Бугарија.

Вечерва во главниот град беше присутен дождот, особено во првото полувреме, па тој им ја отежнуваше играта на двете селекции. Видовме рамноправен почеток во првите десет минути од средбата на нашиот најголем стадион, навивачите ја даваа потребната поддршка за избраниците на селекторот Благоја Милевски.

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Големи проблеми започнаа од 14 минута кога црвен картон во нашите редови доби Тодороски кој поради груб прекршок со висока нога на коленото на противничкиот играч мораше предвреме да замине кон соблекувалните.

Со тоа се променија и плановите кај селекторот, следуваше поголем посед на топката за Бугарите, кои не создадоа ниту една сериозна шанса, туку само повеќе ја имаа топката во нивните нозе.

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Беше доста тензично на теренот, со прекршоци на двете страни, а првата убава можност да реализираме гол ја имавме во 25 минута кога М. Ристовски шутираше од околу 20 метри, но одбрани бугарскиот голман Наумов.

Во 22 минута поради црвениот картон Милевски мораше да менува, па така Трајковски ја напушти играта, а на негово место влезе Ашковски. По првото полувреме немаше голови (0:0).

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Бугарите ја искористија предноста од фудбалер повеќе, во контранапад во 50 минута успеаја да ја затресат мрежата на Димитриевски, откако Кирилов убаво го пронајде Десподов и донесе предност за бугарската селекција (0:1).

Нашите најдобри фудбалери атакуваа по израмнување, Алиоски се најде во идеална позиција да го „матира“ Наумов, но неговиот удар го блокираше Антов во 62 минута. Четири минути подоцна се заканија гостите преку Крастев, но Димитриевски беше сигурен и запиша нова интервенција.

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Се обидовме со сите сили да дојдеме до посакуваниот гол, но самиот факт дека игравме со еден репрезентативец помалку, ја отежнуваше задачата, а Бугарија константно опасно напаѓаше, иако на наша среќа не се снаоѓаа најдобро во казнетиот простор на Димитриевски.

Повторно Алиоски се најде во можност да постигне гол во 82 минута, но никако не можеше да го најде патот до бугарската мрежа. Попуштија и нервите самиот финиш, дојде до физичи судир меѓу играчите, во центарот на вниманието се најдоа Барди и Кирилов кои добија жолти картони. До крајот Бугарите ја задржаа предноста и се радуваа на победата.

Лига на нации

Национална арена „Тодор Проески“ – Скопје

Македонија – Бугарија 0:1 (0:0)

Македонија: Димитриевски, Тодороски (црвен картон 14`), Муслиу, Зајков, Бејтулаи, Алиоски, Елмас, Барди, Трајковски (Ашковски 22`/Дор. Бабунски 85`), Ристовски (Дориев 61`), Миовски (Спировски 61`).

Лига „Ц“ (група „4“)
6. последно коло, резултати –

Македонија – Бугарија 0:1
Гибралтар – Грузија 1:2

Конечна табела:

1.Грузија 16 бодови
2.Бугарија 9
3.Македонија 7
4.Гибралтар 1

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот