ФОТО | Љубовта кон македонскиот јазик ги спои Сила од Турција и Миколај од Полска

Сила Екин од Турција и Миколај Зараѓи од Полска / Фото: Фејсбук/Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ е, традиционално, збирно место за сите вљубеници во македонскиот јазик и македонската култура уште од 1967 година.

Досега се одржани 55 летни и три зимски школи, на кои учествувале повеќе од 4000 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик.

Сила Екин од Турција и Миколај Зараѓи од Полска беа дел од семинаристите кои учествуваа на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. Токму таму, крај Охридското Езеро, започна љубовната приказна на овие двајца млади лингвисти, кои ги спои љубовта кон македонскиот јазик.

Како што споделија од МСМЈЛК, пет месеци подоцна – тие го кажале и судбоносното „да“.

„Тие двајца почувствуваа и сфатија дека за нив, македонскиот јазик е јазикот на љубовта. И тука, крај Охридското Езеро, на македонски јазик, еден на друг си рекоа: ‘Те сакам’.

Пет месеци потоа, дури траеше Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, еден на друг си ветија вечност на нивната љубов.

Драги Сила и Миколај, ви посакуваме љубовта еден кон друг и среќата во заедничкиот живот, секојдневно да ви се распламтуваат. А заедно со нив и вашата заедничка љубов кон македонскиот јазик и македонската култура заради која тука, во срцето на Балканот ви се вкрстија патиштата и вашите срца започнаа забрзано да чукаат – срцето на Сила за Миколај, а срцето на Миколај за Сила, во ритамот на македонскиот 7/8 такт.

Ве очекуваме, повторно, но овојпат заедно да дојдете крај брегот на Охридското Езеро, онаму каде што првпат си подадовте рака и зачекоривте заедно по патот.

Вашата приказна е (и) убава македонска приказна. Раскажувајте ја (и) на македонски јазик“, велат од МСМЈЛК.

Дефинитивно, убаво е да се љуби на македонски јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот