ФОТО: Кај галијата денеска мирно, Блажевски демантира дека тој е сопственик и дека тој ги бркал работниците

Галија рушење
Галија рушење /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Не престануваат заканите по живот се жали Спирко Блажевски откако низ медиумите се прошири видео во кое се гледа како со закани се бркаат работници кои ја рушат галијата во Вардар. Блажевски, кој инаку е сопственик на ресторанот Мечка во Дебар Маало, денеска реагираше дека тој ниту е сопственик на галијата, ниту пак го снимал видеото.

– Јас не го снимав видеото, туку само го споделив. Не знам кој го снимал, ми се појави видеото на Фејсбук и јас го споделив. Тоа е се. Но, по објавата дека јас сум сопственикот кој со пцовки ги брка работниците, почнаа да ми се закануваат непознати луѓе преку пораки. Навистина сум загрижен за безбедноста на моето семејство, едноставно не знам колку се сериозни и колку далеку можат да отидат во извршување на заканите, вели Спирко Блажевски.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со Жарко Младеноски, управител на Галијата во сопственост на фирма со бугарски капитал Сервис Емус АД Скопје, но до сега не добивме одговор дали тој вчера ги снимал работниците додека ги брка од бродот и ги спречува да продолжат со уривање.

Започнува рушењето на галиите, прв е „Бродот на среќата“

Младеноски претходно велеше дека штетата од рушењето на галијата на крајот ќе биде на грбот на граѓаните.

– Ние нашите права ќе ги бараме и во Судот во Стразбур. Доколку барем имаше одлука од Советот на Градот за отстранување на урбаната опрема од сите локации во Скопје, немаше да има никаков проблем, а сега ова се однесува само на нас и ние го доживуваме како директен удар врз нашата фирма, објаснуваше тогаш управителот на бродот.

И поранешниот градоначалник Петре Шилегов имаше свое објаснување.

– Никогаш не заборавајте дека правото е мојата матична наука. Ние работиме согласно договорот кој го имаме склучено со корисниците во кој што меѓу другото постои и т.н. извршна клаузула, што значи дека кога ќе се исполнат условите за раскинување на договорот, се стапува директно на извршување, не се оди на судска постапка. Во постапката должникот има право на приговор до претседателот на судот по решението на извршувањето, и има право до жалба до Апелациониот суд. Тоа право сопственикот на галијата го користеше, и одбиен е и од претседателот на судот и од Апелациониотт суд. Во меѓувреме има почнато два судски спора со барање за времена мерка, но двете барања се одбиени. Ние имаме целосно чиста правна ситуација, изјави Шилегов.

ВИДЕО: Шилегов тврди, нема политика во одлуката да се отстрани галијата

„Слободен печат“ денеска направи обиколка на галијата. Работници немаше, само остатоци од деловите кои почнале да се рушат и демонтираат.

Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот