ФОТО | 100 дена поминати на ГАК: Бебето од 790 грама денес е темпераментно и среќно прваче

По точно 100 дена поминати на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Ада, која пред седум години се родила со екстремно мала родилна тежина, како вистински победник заминала дома како здраво бебе.

Седум години таа секој ден ја радува и ја гушка својата мајка Сибeл, која раскажува за борбата за живот на Ада, за исчекувањата, за стравовите, но и за надежта дека ќе дојде ден кога од инкубатор бебето ќе дојде во нејзините прегратки. Мајката вели дека 17 ноември го слават и како роденден на Ада.


Фото: Сибел Вели/Приватна архива

По повод Светскиот ден на предвремено родени деца, скопјанката Сибeл Вели со нескриени емоции раскажува како нејзината сега седумгодишна ќерка Ада се изборила за живот иако се родила неколку месеци пред терминот за породување. Овој мал борец сега е здраво и ведро прваче, а нејзината мајка со нескриена исполнетост и благодарност, во чест на денот кога им се восхитуваме на сите прематурчиња – вистински мали борци, се присетува на моментите кога се соочила со шокот дека нејзиното бебе има екстремно мала родила тежина – само 790 грама. Сепак, вели Сибел, агонијата низ која поминувала додека Ада била во инкубатор, за миг ја заменила неизмерна радост кога конечно можела силно да ја гушне и да ја држи во раце.

– На 35-годишна возраст забременив по нормален пат, а бременоста и редовните месечни контроли и испитувања се одвиваа нормално сé до третиот месец од бременоста, кога прокрвавев. Беше интервенирано навреме и во тој период ми беше укажано повеќе да одмарам. До 24. гестациска недела одев на редовни прегледи и контроли и сѐ беше во ред. Сепак, Ада се роди предвреме. Многу предвреме. Се роди поради прснат воденик, во 25. гестациска недела. Нејзината родилна тежина беше 790 грама, а потоа тежината ѝ падна на 680 грама – раскажува нејзината мајка Сибел Вели.

На ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје ја породиле доктор Игор Самарџиски и доктор Слаѓана Симеонова, за кои вели дека и до ден-денес, каде и да ги види, од благодарност силно ги прегрнува.

– Во инкубатор беше точно 100 дена. Се породив на 23 јануари 2015 година, а ја земав дома на 4 мај 2015 година. На почетокот ми беше страв да ја држам во раце и многу ми помогна сестра Тања Трајковска, која доаѓаше да ја капе – зборува мајката за долгите тешки први 100 дена од животот на нејзиното бебе, од кое морала да биде одвоена, токму за да му даде шанса да се избори за живот.

Веднаш откако се родила, Ада била интубирана затоа што не можела самостојно да дише. Првиот месец по раѓањето, секоја недела, за Ада се свикувал докторски конзилиум, бидејќи била навистина ризичен случај.

– Јас секој ден одев и ја гледав во инкубаторот. Моите чувства на страв и на неизвесност не можат да се опишат. Имаше и добри денови, но поминавме и многу кризни денови. Ќе добиеше неколку грама на тежина, но имаше денови и кога повторно губеше на тежина. Мислам дека и од стрес го изгубив млекото кога Ада имаше само 40 дена. Дури после два месеца секојдневна борба, нејзината ситуација се стабилизира – ги опишува Сибел деновите на страв, исчекување, надеж…

По точно 100 дена поминати на ГАК, Ада веќе била стабилно бебе, кое можело да си замине дома.
– На радоста моја ѝ немаше крај, конечно, можев секојдневно да си ја држам во раце мојата ќерка, да се гушкаме секој ден… – таа и ден-денес не ги крие емоциите додека зборува за најстресниот, во истовреме и за најрадосниот период од нејзиниот живот.

                                                                        Фото: Сибeл Вели/Приватна архива

Сега Ада има речиси седум години, прваче е и уште сака многу да се гушка. Таа е темпераментно и динамично дете, многу е дружељубива, сака да биде во круг со други дечиња, да биде активна и да осознава нови работи. Најважниот ритуал на мама Сибел и на Ада за време на викендите е да посетуваат игротека и да си седнат на ручек.

– Светскиот ден на предвреме родените деца ни е ден од посебно значење, за мене е ден од иста важност како и нејзиниот роденден, затоа што Ада е токму такво дете, дете кое успеа да ме направи мајка и дете кое е запаметено како успех на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје – вели среќната мајка на првачето Ада, кое како и секое прематурче, борбата за живот ја продолжува и како борба во животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот