Фин КЕН документи : Банкари испрале 2.000 милијарди долари на мафијаши, на олигарси и на терористи

Низ низа истакнати банки и финансиски институции, претежно во западниот свет, биле спроведувани сомнителни банкарски трансакции, што укажува на перење пари на криминални организации, олигарси под меѓународни санкции или групи што спонзорираат тероризам

Документи за проток на 2 билиони долари преку сомнителни трансакции низ финансискиот систем на САД протекоа преку меѓународна група новинари.

Протечените материјали се однесуваат на повеќе од 2.000 извештаи за сомнителна активност доставени до американската владина Мрежа за откривање финансиски криминал (Фин КЕН). Доставени биле до „Базфид њуз“, а споделени со Меѓународниот конзорциум истражувачки новинари (ИКИЏ).

Во документите се наведува дека низ низа истакнати банки и финансиски институции, претежно во западниот свет, биле спроведувани сомнителни банкарски трансакции, што укажува на перење пари на криминални организации, олигарси под меѓународни санкции или на групи што спонзорираат тероризам.

„Протечениот“ пакет содржи документи за сомнителни трансакции во вкупна вредност повисока од 2.000 милијарди долари, во периодот од 1999 до 2017 година. Се спомнуваат моќни британски банки, како „Барклис“ и „ХСБК“ и имиња на озлогласени клиенти.

Пол Менафорт и Семијон Могилевич

Меѓу нив е и Пол Менафорт, политички стратег што во 2016 година неколку месеци ја водеше успешната претседателска кампања на Доналд Трамп.

Пол Менафорт го спроведуваат на суд во Њујорк/ Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Менафорт се повлече откако беа обелоденети неговите консултантски услуги за поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, а подоцна во САД беше обвинет за финансиски измами и за затајување данок. Банките праќале пријави за сомнителни активности на Менафорт уште во 2012 година, но не реагирале, иако имаат право да ја стопираат секоја трансакција што ја сметаат за обид за перење пари. Во 2017 година „Џеј Пи Морган Чејс“ пријавила трансфер на околу 300 милиони долари на компании во Кипар што оперирале заедно со Менафорт.

Истата банка детално пријавила и трансакции од преку 1 милијарда долари поврзани со Семијон Могилевич, кој е на листата на ФБИ на десет најбарани лица поради сомневања дека е водач на руската мафија, како и за убиства и трговија со оружје и дрога.

Прочитајте и...  Законот за заштита од заразни болести помина пред собраниската Комисија, пратениците вечерва ќе го гласаат
Рускиот мафијашки бос, Семијон Могилевич

Иако сите активности на офшор компанијата „АБСИ ентерпрајзис“ на Могилевич требало да бидат блокирани од банката, таа во период од пет години прокнижила 1,02 милијарда долари.

– Ние ги следиме законите и регулативите заради поддршка на напорите на владите за борба против финансиски криминал. На оваа важна работа ние го посветуваме трудот на илјадници и во неа вложуваме стотици милиони долари – изјави претставник на „Џеј Пи Морган Чејс“ за Би-би-си, коментирајќи ги деталите од протечените документи.

Аркадиј, Борис и Игор Ротенберг

Британската банка „Барклис“ го услужила милијардерот Аркадиј Ротенберг, руски олигарх со сомнителни активности, кој уште од детството му е личен пријател и џудо-партнер на претседателот Владимир Путин.

Аркадиј Ротенберг му е џудо партнер на Путин/ Фото: EPA-EFE/ALEXEI DRUZHININ / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

САД и ЕУ во 2014 година воведоа санкции за Ротенберг, сметајќи го за човек од внатрешниот круг на Кремљ, кој добил од владата низа проекти за изградба патишта и енергетски капацитети. „Барклис“ во 2008 година отворила сметка за компанијата „Адвентиџ алајанс“, поврзана со семејството Ротенберг, и спровела трансакции во вредност од 60 милиони фунти во период кога веќе биле воведени санкции за Аркадиј, неговиот брат Борис и неговиот син Игор.

Германската „Дојче банк“ наводно префрлала „валкани“ пари од кругови на организиран криминал, тероризам и трговија со дрога, а британската „Стандард чартерд“ префрлала средства на Арапската банка во Јордан повеќе од една деценија иако знаела дека клиенти на банката на тој начин финансираат тероризам.

Прочитајте и...  Според државната телевизија: Словенија денеска со 2.605 новозаболени со ковид-19

Шемата на Минг Су

Британската банка „ХСБК“, според документите, им овозможила на група криминалци да протнат низ финансиските системи милиони долари, иако веќе открила дека тие ги стекнале парите преку измамничка пирамидална шема. Околу 80 милиони долари во 2013 и во 2014 година биле префрлени преку сметки на банката во Америка до сметки во Хонг Конг. Оваа операција била спроведена набрзо откако банката била казнета со 1,9 милијарда долари поради учество во перење пари во САД и откако јавно се заложила дека ќе се спротивстави на вакви активности.

Основа за пријавата „ВКМ777“ било убиството на Рејналдо Пачеко во Напа, Калифорнија, во април 2014 година. Тој бил претепан до смрт со камења и неговото тело било пронајдено потопено во вода. Пачеко се вклучил во пирамидална шема и настојувал да регрутира нови клиенти, ветувајќи им дека ќе се збогатат. Клиенти што му дале по 3.000 долари го обвиниле за измама, по што Пачеко бил киднапиран и убиен.

– Тој буквално се обидувал да ги подобри животите на луѓето, но и самиот бил измамен и за жал тоа го платил со својот живот – изјавил полициски наредник вклучен во истрагата за убиството.

Шемата ја почнал кинескиот државјанин Минг Су, кој живеел во САД и се претставувал како проповедник. Тој отворил глобална инвестициска банка „Ворлд капитал маркет“, која на инвеститорите им нудела да им исплати 100 отсто профит за 100 дена. Преку семинари и вебинари банката успеала да продаде инвестициски можности за „клауд компјутинг“ во вредност од 80 милиони долари. Со шемата биле измамени илјадници луѓе, особено сиромашни, во САД, Колумбија и во Перу. Регулаторите во Калифорнија во септември 2013 година ја известиле „ХСБК“ дека следи можна пирамидална шема и ги предупредила граѓаните да внимаваат да не бидат измамени.

Прочитајте и...  И Шведска руши рекорди со новозаразените

„ХСБК“ забележала сомнителни активности, но пријавата ја поднесла дури во октомври и сметките на „ВКМ777“ била стопирана во април 2014 година, кога во банката на Су практично не останало ни долар.

Системот е скршен

Фергус Шил од конзорциумот на истражувачки новинари вели дека „Фин КЕН документите“ се приказ што сѐ банките знаат за огромниот проток на валкани пари низ светот.

Системот е поставен за да се регулираат финансиските текови, но тој е скршен – вели Шил.

Објавувањето ја загрозува безбедноста на САД

„Фин КЕН“ го осуди објавувањето протечени документи и го пријавила случајот во Министерството за правда на САД.

– Мрежата за откривање финансиски криминал знае дека низа медиуми имаат намера да објават серија написи врз основа на нелегално прибавени извештаи за сомнителни активности, како и други чувствителни владини документи од пред неколку години. Неавторизираното објавување извештаи за сомнителни активности е криминал што може да предизвика поткопување на националната безбедност на САД, да компромитира истраги за спроведување закони и да ги загрози безбедноста на институциите и на лицата што пријавуваат сомнителни случаи – објави институцијата.

Мрежата, во исто време, најави и предлози за надградување на своите системи за спречување на перење пари. И британската влада најави планови за реформирање на регистарот информации за компании, со цел подобро да спречи измами и перење пари.

Поврзани вести

ВИДЕО: Ова е младата пратеничка на која Дачиќ и отстапи микрофонот за пеење

Илинка Иљоска

Италија пријави најмногу заболени во еден ден, речиси 25.000

Слободен печат

Со позитивен корона тест, но лесни симптоми и Марјан Забрчанец

Строгите мерки во Ирска даваат резултати со бројот на новозаразени

Илинка Иљоска

Налепниците за растојание во Либија го добија ликот на Макрон

Илинка Иљоска

Детално за мерките и казните – маските се задолжителни секаде, без нив – 20 евра

Слободен печат

Остави Коментар