Филипче: Близу 20 000 жени добија пристап до примарна гинеколошка здравствена заштита во отворената ординација во Шуто Оризари

Жените од Шуто Оризари повторно без гинеколог/Фото: МИА

Во новоотворената гинеколошка ординација во населбата Шутот Оризари пристап до примарна гинеколошка здравствена заштита ќе добијат близу 20 илјади жени коишто живеат во оваа населба, истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска ја посети Поликлиниката во Шуто Оризари по повод отворање на ординација на матичен гинеколог.

– Денеска можеме да одбележиме еден навистина значаен настан, нешто што ќе значи многу полесен пристап кон здравствена заштита, секако подигање на квалитетот, тоа е отворањето на гинеколошка ординација во населбата Шуто Оризари. Со ова на близу 20 илјади жени коишто живеат во оваа населба ќе им се овозможи пристап до гинеколошка здравствена заштита, рана дијагноза на одредени болести, редовни прегледи и се тоа што значи квалитетна здравствен услуга во делот на специјалноста, вели Филипче.

Тој подвлече дека со сериозни напори во изминатите неколку месеци од страна на Министерството за здравство е набавена посебна специјалистичка опрема во вредност од близу 30 илјади евра со што оваа гинеколошка ординација е целосно опремена според најсовремените стандарди со посебен стол, одредени апарати во делот на колпоскопија и со најсовремен ЕХО апарат.

Во досегашниот период, додаде тој, граѓанските организации коишто се тука активни им помагале на жените во регионот во делот на советувањето и упатувањето кон соодветни специјалисти, во други здравствени установи. Гинекологот кој го нашле се согласил да регистрира своја ПЗУ и практично овде да ја оформи својата ординација заедно со медицинската сестра која е од ова населба.

– Сметам дека ова заедно со тоа што следи во следните 10-ина до 14 дена а тоа е да уште една поликлиника која што веќе го зема под закуп просторот за матични лекари, имаше шест неуспешни обиди, и овој седмиот една поликлиника се пријави и ќе има два дополнителни тимови кои ќе бидат матични лекари и кои ќе може да им бидат на располагање на сите жители од оваа населба. Значи се заокружува еден сериозен процес на олеснување на пристапот кон здравствена заштита на сите жители кои живеат во оваа населба, рече Филипче.

Тој се заблагодари на помошта од германската амбасадорка и Амбасадата кои во неколку наврати донирале заштитна опрема, на Амбасадата на Кина која донирала медицинска опрема, а целосно се реконструирал и покривот со што оваа здравствена поликлиника која функционира во рамките на Здравствениот дом Скопје почнува, вели, да ги има сите сегменти во делот на примарна здравствена заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот