Филипче бара од пратениците да „потпишат“ лојалност
Експресна реакција предизвика информацијата на иницијаторите дека веќе имаат поддршка од пет пратеници, а можеби и повеќе. Се очекува да се отвори жестока дебата ако Филипче се обиде да наметне дека пратеничката група е единствена, а не е така. Најверојатно ќе ги пребројува пратениците, односно ќе бара да се изјасниме дека сме единствени, ни рече пратеник од СДСМ
Вистински земјотрес кај раководството на СДСМ предизвика информацијата на „Слободен печат“ дека поранешни партиски функционери наскоро ќе излезат со иницијатива за обединување на опозицијата и на прогресивната демократска јавност, но и дека во фокусот не им е партискиот „лидершип“ и реформа на СДСМ предводена од Венко Филипче. Според информации од пратеничката група на СДСМ, Филипче веднаш по објавата на информацијата за попладнево закажал координација со пратениците.
Филипче во старт ја дискредитира иницијативата и ги обвини дека одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ. Во спротивно, како што вели лидерот на СДСМ, јавно ќе се потпишеле зад иницијативата.
Препорачано
– Очекувањата се дека состанокот е свикан поради информацијата дека се работи на нова иницијатива за обединување на опозицијата и на прогресивните сили во земјава, инаку зошто на координацијата би се повикувале само пратениците од СДСМ, а не и колегите од коалицијата. Очекувам да се отвори жестока дебата ако Филипче се обиде да наметне став дека пратеничката група е единствена, кога се знае дека не е така. Најверојатно ќе ги пребројува пратениците, односно ќе бара да се изјасниме дека сме единствени, бидејќи најголем револт и експресна реакција за координација предизвика информацијата на иницијаторите на платформата дека веќе имаат поддршка од пет пратеници, а можеби и повеќе. Грешка е дека веднаш изреагираа негативно на иницијативата, наместо да ја поздрават – вели пратеник од СДСМ.
Нова етикета за нови одработувачи за ВМРО-ДПМНЕ
Филипче, иако се обиде да претстави дека суштината на СДСМ е да се изгради консензус и политики врз основа на различни мислења на многу луѓе и дека тој и раководството тоа го прават веќе година и половина, сепак на претставниците на иницијативата експресно им залепи етикета дека одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ. По ситуацијата со поранешниот градоначалник Петре Шилегов, за кого е почната постапка на исклучување од партијата, лидерот на СДСМ повтори дека нема да дозволи ситнење на СДСМ однатре.
– Вчера излезе дека има некаква платформа, од некои луѓе што не сакаат ни да се потпишат. Имале гревови, кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија, кажуваат дека опозицијата била раситнета. Што може да се очекува од тоа, освен дека е пишувано во „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ и дадено на некои луѓе тоа да се презентира како некаква платформа. Внимавајте, ќе била некаква платформа. Единствената неконтролирана опозиција во земјава, а тоа е СДСМ, не требало да биде. Излезе Шилегов и ја нападна сопствената партија и знаеме дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ. И секој што со таква намера излегува во јавноста – да плука по оваа партија, да ја ситни, да ја дели, јас нема да го дозволам тоа. Апсолутно секое конструктивно мислење ќе биде сослушано, ќе биде земено предвид. Вратите се отворени за сите, но не и за злонамерниците – рече Филипче.
Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад намерата за расцепкување на СДСМ бидејќи, како што вели, не спровела ниту една добра политика.
Прашан зошто во Општинската организација на СДСМ во Карпош не ги презентира доказите дека Шилегов одработува за владејачката партија, Филипче е дециден:
„Шилегов не сака да ги презентирам доказите“.
На прашањето дали ќе следуваат исклучувања од партијата и на претставниците на иницијативата, лидерот на СДСМ рече:
– Ние не знаеме кои се тие луѓе. Објаснив која им е заднината. Тие не се потпишани, и тоа многу кажува. Да не шпекулираме кои се, инаку точно е дека се шпекулира со одредени имиња. За сите конструктивни и добронамерни, вратата е отворена. Се поставува прашањето – зошто кога е таква ситуацијата, а многу добро знаат дека јас така функционирам, некој би ја ситнел партијата. Зошто во документот кој вчера излезе се кажува дека ВМРО-ДПМНЕ е најголема партија, па уште да ја пофалат, уште браво да им кажат. Тоа недостигаше во тој документ за таа иницијатива. Опозицијата била раситнета, а со ова уште повеќе се ситни. Па, која е целта? Никој не е наивен тука, ние имаме сериозна борба – рече Филипче.
Според него, аргумент дека зад иницијативата стои ВМРО-ДПМНЕ е дека така дејствувале десничарските автократски власти во Европа.
Иницијативата не ја исклучува СДСМ
Како што објавивме, од иницијативата нè брифираа дека нема да се занимава со раководството и со реформирање на СДСМ, туку со обединување на опозициски и прогресивни сили во земјава за уривање на ВМРО-ДПМНЕ. Иницијативата не ја исклучува СДСМ, а зад неа веќе стојат поранешни и актуелни функционери на СДСМ, основачи на партијата, поранешни и актуелни пратеници, градоначалници, претставници од невладиниот сектор, но и истакнати граѓани и професори.
Претставниците на платформата однапред се оградија од каква било поврзаност со владејачката партија, односно дека одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ.
– Да имаше раководството на СДСМ капацитет, знаење и волја да ја обедини опозициската енергија против оваа неспособна власт, ќе немаше потреба од ваква иницијатива – велат тие.


