Филхармонија најави грандиозно затворање на концертната сезона

Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ овој четврток (19 мај), со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот насловен „Слобода“ со кој оркестарот на Филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од програмата на концертната сезона што се одржа под мото „Филхармонија во движење“.

За првпат ќе биде изведено грандиозното вокално-инструментално дело „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн под диригентската палка на маестралниот Бенџамин Шварц (Израел/САД).

Во изведбата на делото учествуваат Камерниот и симфонскиот оркестар на Филхармонија, Хорот на Софиската филхармонија, Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и солистите Весна Ѓиновска-Илкова, Стеван Каранац (Србија) и Горан Начевски.

Концертот им е посветен на сите жртви во војните кои се водат низ светот, а музиката е порака за мир!

Композиторот Бенџамин Бритн го напишал делото „Реквием за војната“ како нарачка од Англиската катедрална црква „Св. Михаил“ во Вест Мидлендс, која повторно била изградена, откако целосно била разрушена по бомбардирањата во Втората светска војна. Ова дело претставува остварување на долгогодишниот сон на Бритн, во кое ја реализирал својата желба да напише вокално-инструментално дело и воедно да ја инкорпорира во него сопствената верба во хуманоста и да го изрази своето длабоко сочувство кон жртвите во војните. Како што самиот изјавил „Реквием за војната“ е акт на помирување.

Во „Реквием за војната“ Бенџамин Бритн инкорпорира фрагменти од поетот Вилфред Овен (1893-1918), кој според него бил еден од „најголемите воени поети, еден од најоригиналните во 20 век“.

Првата изведба на ова грандиозно дело била на 30 мај 1962 година во Катедралната црква „Св. Михаил“. Реакциите од изведбата биле одлични – делото било декларирано како монументален музички тестамент против војната, конфликтите и насилството.

Бенџамин Шварц

„Бенџамин Шварц е сензација. Со неговата чиста енергија, перфектна техника, во комбинација со мотивиран оркестар, тој успева да продуцира возбудлив и култивиран звук“.

Ова се дел од зборовите со кои критичарите го опишуваат харизматичниот диригент Бенџамин Шварц кој, како што оценуваат, „има јасна визија во своите интерпретации“. Овие квалитети, заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговата постојано присутна желба за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти, известија од Филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот