Европскиот и светскиот првак ќе играат меѓу себе, Франција по продолжението во полуфинале

epa08969687 Spain's Viran Morros De Argila reacts during the quarter final match between Spain and Norway at the 27th Men's Handball World Championship in Cairo, Egypt, 27 January 2021. EPA-EFE/Khaled Elfiqi / POOL

Во полуфиналето на ракометниот Мундијал ќе играат Шпанија – Данска и Шведска – Франција.

Актуелниот европски шампион Шпанија благодарение на одличното прво полувреме успеа да ја совлада Норвешка со 31:26 и да си закаже полуфинална пресметка со бранителот на трофејот, Данска.

Шпанците во првото полувреме во целост го оправдаа прекарот „црвена фурија“ и ги оддуваа Норвежаните добивајќи ги првите 30. минути со 21:16. Во второто полувреме, Шпанците рутински ја оддржуваа предноста и на крајот славеа со 31:26. Одличен натпревар одигра Алекс Душебајев со осум постигнати голови, Марчан даде шест, Коралес имаше дури 19. одбрани, додека кај Норвешка, Јендал беше најпрецизен со шест гола.

Најуспешната репрезентација во последните 20-тина години, Франција мораше да игра продолженија против Унгарија, но на крајот успеа да си обезбеди пласман во полуфиналето. Французите со 35:32 ја совладаа Унгарија, иако работата можеа да ја завршат во регуларните 60. минути.

Тие на три минути до крајот имаа предност од три гола (30:27), но Унгарците најдоа сили да постигнат три брзи гола и да го однесат натпреварот во продолжението. Таму, Французите не дозволија изненадување и со сигурна игра ги добија дополнителните десет минути со 5:2 и се пласираа во полуфиналето.

Гигу постигна шест гола, Дескат пет, а Ремили четири за Франција, додека Банхиди со шест гола беше најпрецизен кај Унгарија.

Најлесно пласман до полуфиналето обезбеди Шведска која со убедливи 35:23 го победи Катар. Катарците некако се држеа во првиот дел кој го загубија со 14:10, но дилемите околу победникот беа решени на стартот од второто полувреме кога Шведска направи серија од 7:1. До крајот на натпреварот разликата се зголемуваше и натпреварот заврши со убедлив триумф од 12 гола (35:23).

Пелас и Хринц со по осум гола беа најпрецизни кај Шведска, додека Карол Марцо даде пет гола за Катар.
Во полуфиналето кое на програмата е задутре ќе играат Шведска – Франција и Данска – Шпанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот