Европски или етнички интегритет

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Основата за издавање идентификациски документи, вклучувајќи ги и личните карти, насекаде во Европа е статусот на жителството и државјанството. Етничката припадност никаде не фигурира како суштествена „карактеристика“, ниту пак има некакво значење за да биде назначена на личните карти, кои се користат во функција на еден од основниот постулати на ЕУ – слободното движење на луѓе меѓу земјите членки.

Ниту во европските земји што официјално функционираат како двојазични или повеќејазични не се практикуваат „етнички графи“ на личните карти и пасошите. Во Финска, на пример, која е уставно двојазична земја, со употреба на финскиот и шведскиот како национални јазици, пред неколку години се крена прашина во јавноста по стапувањето на сила на законски измени според кои личните карти добија различни бои. Многумина изразува загриженост дека со тоа практично се применува практика за разликување на етничката припадност на граѓаните, а не само нивното државјанство.

Но надлежните во Финска се потрудија да ја објаснат смислата на тие законски решенија, кои во суштина немаат никаква врска со етницитетот. Различните бои се со цел да ја олеснат идентификацијата. Возрасните добиваат сини лични карти, малолетни лица виолетови, а на странски државјани со пријавено жителство им се издаваат лични карти со жолто-кафеава нијанса. Полицијата ги бараше споменатите измени со надеж дека тоа ќе го олесни контролирањето на илегални имигранти, посебно на граничните премини на аеродромите и пристаништата, а со оглед на тоа дека финските лични карти важат како патни исправи во рамките на ЕУ за фински, но не и за странски државјани кои живеат во земјата.

Иако не станува збор за никакво означување на етничката припадност на финските лични карти, критичарите тука сепак гледаат извесен ризик да се прави разлика од една до друга категорија луѓе/граѓани. Кога сме веќе кај етницитетот и идентификациските документи, околу тоа прашање никаде во Европа не се води сериозна дебата. Прашањата во оваа област, кои привлекуваат посебно внимание, во последно време се најмногу поврзани со заштитата на количеството складирани дигитални информации што ја зголемуваат сигурноста на личната карта и ја минимизираат нејзината подложност на фалсификување. Заштитата на личниот интегритет на граѓанинот во таа смисла доаѓа во преден план, бидејќи енормното собирање и складирање дигитални податоци го зголемува ризикот е во основа неетично, незаконско и на сериозен начин го зголемува ризикот од нарушување на човечките права. Патем, парадирање и мавтање со етнички знамиња во таков контекст тешко може да најде некаква оправданост, бидејќи заштитата на нашиот приватен живот, во чии рамки несомнено спаѓа и личната определба околу етничката припадност, несомнено треба да добие и соодветна модерна дигитална форма.

Сè посеопфатното ширење на културата на забрзана дигитализација, посебно во високоразвиените западни земји, неретко открива и нејасни моменти кои укажуваат во извесна смисла на развој во погрешна насока. На пример, една „сигурна“ државна лична карта сè снабдува со дополнителна функција на е-легитимација (електронска легитимација), која често се користи во поново време за плаќање и трансфери на интернет, но наместо одговорноста да ја имаат државните институции, во некои земји, како, на пример, во Шведска, им се препушта за тоа да се грижат приватни банки. Користењето на енормните можности што ги нуди дигитализацијата мора да ги следи решенијата што ќе овозможуваат поефикасна заштита на личниот интегритет на граѓаните, вклучувајќи го, се разбира, и користењето на личните карти.

Но сè поинтензивното собирање и складирање детали поврзани со личниот интегритет на граѓаните, го компликува контролирањето на сите оние што се обидуваат да ги поседуваат и „капитализираат“, и во даден момент можеби да ги злоупотребат таквите чувствителни податоци во општеството.

Граѓаните на Југославија во прва рака беа препознавани како Југословени кога ги покажуваа своите пасоши на граничните премини во други земји. Припадноста на одделни малцинства во СФРЈ, на русинското, словачкото, влашкото, цинцарското, буневското, унгарското, романското или кое било друго, воопшто не претставуваше некаков важен податок, кој, со внесување во личната карта или пасошот, би го зголемил квалитетот на статусот што југословенските граѓани го уживаа во светот.

Многумина имаат проблеми речиси во текот на целиот живот поради постојаната потреба да се справуваат со предрасудите вкоренети околу припадноста на етнички идентитети – во мешани бракови, во кариерата во разни професии, во настојувањето да најдат едноставен и помалку болен начин да се идентификуваат со својата околина, без притоа да бидат потсетувани дека нивното етничко потекло е вакво или онакво. Тоа денес е присутно и во најразвиените европски земји. Конечно, постоењето т.н. амбивалентен етницитет, или „двоен идентитет“, кој се јавува во сите етнички мешани општества, кај многумина граѓани предизвикува, најблаго речено, аверзија кон „потребата“ за нужно приклонување кон еден етнички идентитет. На многумина тоа всушност им создава длабок внатрешен конфликт. Предложените законски измени во македонското Собрание, со внесување етнички графи на личните карти, сигурно нема да овозможат полесно да се справиме со таквата дилема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот