Евергрин вечер со Дац и Александар во Антички театар

Фото: Промо

Во Античкиот театар во Охрид, в петок со почеток од 22:00 часот, ќе се одржи првиот концерт на популарното дуо – Драган Спасов-Дац и Александар Митевски. Во рамките на музичката програма на концертот ќе бидат изведени популарните романтични нумери во комбинација со препознатливите евергрини со кои ова дуо ги освои симпатиите во земјата и пошироко. Концертот ќе се одржи целосно следејќи ги и имплементирајќи ги препораките и здравствените протоколи за организација на ваков тип настани.

Првиот заеднички официјален настап на Дац и Митевски беше во септември 2019 година на фестивалот „Охридски трубадури“ со песната „Цреши охридски“, која освои второ место од публиката и прво од стручното жири. Следуваше настап на фестивалот „Макфест“ со „Уште ми фалиш“, кога ја освоија втората фестивалска награда. Во нивниот досегашен опус се вбројуваат хитовите „Љуби ме“, „Ангелина“ (преработка на популарната „Надалина“), „Хипноза на една љубов“ и „Слика“, а срцата на публиката ги освоија со „Корона чао“, најпопуларната преработка на познатата италијанска песна „Бела чао“. Оваа нумера се стекна со регионална слава и внесуваше позитивна енергија во животите на луѓето во „карантинските“ денови. Митевски и Дац посветено ја забавуваа публиката со своите секојдневни „карантински“ изведби, во чии рамки испеаја повеќе од 100 нумери во текот на петмесечниот период. Неодамна Дац и Митевски направија и свое компилациско цеде-издание со хитови, со наслов „Лек за душа“.

Концертот ќе биде организиран во согласност со здравствените препораки и одобрените протоколи за одржување ваков тип настани во време на ковид-19 во нашата земја, односно со задолжително носење лична заштита (маска, шал, марама); задолжително одржување физичка дистанца; задолжителна дезинфекција на раце при пристап на локацијата; задолжително мерење на температура при влегување.

Воедно, според здравствените протоколи, влезниците за овој концерт се во ограничен број. Сите заинтересирани може да ги набават онлајн, преку продажната мрежа karti.com.mk или на некое од официјалните продажните места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот