ЕУ е насилник што нѐ тепа, а не ни дава да си заминеме од него!

Благојче Атанасоски

Време е да го откачиме насилникот, барем за некое време, додека крајно не се вразуми и додека навистина не ни покаже дека „се сменил“.

Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на официјален Белград и официјална Бања Лука, е доказ дека Руската Федерација не се откажала од влијанието на Балканскиот Полуостров. Особено Кремљ, и стратезите на руската надворешна политика, Балканот го користат како регион преку кој ќе се „тргува“ за вистинските руски интереси: тие во непосредното опкружување на панрускиот простор – земјите од поранешниот СССР.

Последниот пример со приемот на Македонија како триесетта земја членка на НАТО, преку операцијата „Барбароса“, е доказ дека великите сили се немилосрдни кога сакаат да го остварат својот интерес, т.е. својата сфера на влијание, за кое ниту бираат средства, ниту начини, ниту време. Во суровоста на геополитиката секогаш страдаат слабите и немоќните, тие што не припаѓаат никаде, односно не се во некој сојуз.

Европската Унија денес е најмоќниот политички и економски проект во целата европска историја. ЕУ е и начин на живот, слобода на избор, безграничен простор, живот и време, исполнето со суштина и содржина. Затоа и многумина кај нас, неа ја гледаа како некој (недостижен) идеал. Веројатно, и затоа се изјавите на нашите политички првенци (Заев, Димитров), дека иднината на Македонија, како полноправна членка на Унијата „нема друга алтернатива“.

ЕУ нема унифицирана надворешна политика и тоа е всушност огромен проблем. Тој огромен проблем ние најдобро го почувствувавме на своја кожа во изминатите три децении: прво блокадата од страна на Грција за наше евроатлантско интегрирање, бидејќи не се согласуваше со нашето уставно име, и сега блокадата од друга земја членка на истата таа Унија, бидејќи не ѝ се допаѓа нашата историја и нашиот идентитет. Не треба да сте експерт за да знаете дека за да станете полноправна членка на Унијата треба да ги исполнувате Копенхашките критериуми: владеење на правото, правна држава, независно судство, стабилизирана плурална демократија, слобода на медиумите итн. Како иронија на судбината, токму овие земји што ги блокирале нашите европерспективи не ги исполнувале овие критериуми кога станале полноправни членки, туку биле „протнати низ мала врата“, поради геополитичките интереси на самата ЕУ.

Кој е заклучокот што можеме да го извлечеме од сето тоа што ни се случува? Дека ЕУ е непринципиелна, лицемерна, сурова, едноставно неевропска? Ха, „ѝ се прди“ на таа Европа за нас, што би рекол покојниот гениј Горан Стефановски. Тоа што мене лично ме иритира, ме револтира и ме боли, прво како граѓанин на Македонија, на која ѝ се попречува нејзиниот европат, а потоа и како етнички Македонец, е што не ни дозволуваат од истата таа Европа да имаме алтернатива. Бидејќи веднаш почнуваат алузиите на „високи европски функционери“, дека ако не се интегрираме во ЕУ, ќе се распаднеме, дека „влијанието на Русија и Кина“ ќе доведе до дестабилизација на земјата и слични баба-рога прикаски. Најсликовито тој однос може да се објасни со насилник што ја тепа својата девојка, но ѝ кажува дека ја сака и не ѝ дозволува да се одвои од него, бидејќи ако го стори тоа, ќе ја убие. А постојано ѝ ветува убава и перспективна иднина со него. Тоа сме ЕУ и ние денес. Време е да го откачиме насилникот, барем за некое време, додека крајно не се вразуми и додека навистина не ни покаже дека „се сменил“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот