Етничкиот клуч пак ги отвора сите врати

Демонстрацијата на вулгарниот национализам на сите нивоа не покажува само колку сме далеку од таканаречените европски вредности, туку многу повеќе опоменува дека општеството е на добар пат да ги обнови старите конфликти.

Загрижувачки се „новите“ тенденции за доминација на етничкото, не само над професионалното, туку и над секоја друга карактеристика и одредница. Дека нечија етничка припадност сѐ уште е поважна отколку неговата стручност и способност и дека таа е пресудна, не само во поделбата на власта и на државните функции, е одамна познато. Позагрижувачки е фактот што и новите обиди да се воспостави граѓанско општество не даваат речиси никакви, или само симболични, резултати во реалниот живот.

Денешната собраниска седница за избор на заменици министри беше уште еден, нов повод за обнова на едно старо, познато етничко пребројување во земјата што гради едно општество за сите.

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, реши да ја потсети јавноста: „Уставно е недозволиво да има осум заменици Албанци и само шест Македонци, во ситуација кога заедно со премиерот Владата има 12 Македонци и осум Албанци министри. ДУИ да предложи по еден Влав, Србин, Бошњак и Ром и на тој начин ќе ја обезбеди рамноправната застапеност на помалите етнички заедници. На СДСМ не им предлагам ништо, зошто оваа влада секако е влада на ДУИ со премиер од СДСМ“.

СДСМ, која упорно опстојува на принципот „едно општество за сите“, е во владина коалиција со ДУИ која инсистира на „правична застапеност“, а пред изборите ја шокираше јавноста со барањето кое звучеше како ултиматум: Албанец за премиер! Владата сепак не доби премиер Албанец, ама затоа ДУИ доби специјална, дотогаш непостоечка функција – прв вицепремиер и министер за политички систем и за односи меѓу заедниците на која дојде Артан Груби.

Прво што направи првиот вицепремиер (Албанец) предложи Владата да дава субвенции за вработување припадници на малцинските заедници, што веднаш беше протолкувано како нови државни пари за – Албанците. Груби се повлече со образложение дека станува збор само за идеја за која допрва ќе се дебатира. Предлогот стигна во време кога сѐ уште нема решение за Албанците кои се вработени според Рамковниот, а седат дома и земаат плата од државата.

Ваквото пребројување и постројување според етничката припадност во „високата политика“, веднаш наиде на одзив во базата. Навивачките групи повторно стапија на сцена со скандирање закани навреди, омраза и нетрпеливост кон припадници на другата (непријателска) етничка заедница.

Демонстрацијата на вулгарниот национализам на сите нивоа не покажува само колку сме далеку од таканаречените европски вредности, туку многу повеќе опоменува дека општеството е на добар пат да ги обнови старите конфликти.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот