Ерлинг Халанд: Новото големо фудбалско чудо (ВИДЕО)

twitter/Borussia Dortmund

Младиот фудбалер уште на првите два натпревари оваа година за новиот клуб покажа дека има капацитет да стане еден од најдобрите фудбалери. 

Верните навивачи на Борусија Дортмунд на последните два натпревари уживаат, а воедно имаат и привилегија во живо да ги следат мајсториите на најновото фудбалско чудо, Ерлинг Халанд.

Младиот 19-годишен Норвежанец кој на почетокот од годинава пристигна во Борусија, за само 59 минути ги освои срцата на навивачите на „милионерите“ но и на сите искрени љубители на фудбалот.


На Халанд му беа потребни само 59 минути во натпреварите против Аугсбург и Келн да покаже дека е иднта голема фудбалска ѕвезда. На дебито против Аугсбург за 22 минути постигна хет-трик, а во победата над Келн даде два гола.

– Момчето сонува, не сакаме да го разбудиме. Неверојатно е амбициозен, сака да постигнува голови и на тренинзите и секогаш се нервира кога ќе промаши чиста шанса – вели Михаел Цорк, спортскиот директор на Борусија Дортмунд.

twitter/Borussia Dortmund

Интересно е што Халанд за неполн фудбалски натпревар постигна повеќе голови од целиот тим на Манчестер јунајтед и ги освои срцата на фановите на Борусија кои се убедени дека во нивниот тим игра вистинска машина за давање голови.

– Неговото деби беше неверојатно, влезе во второто полувреме и даде три гола. Сега на премиерниот настап пред нашите навивачи постигна уште два гола и не може да биде подобро од ова. Навистина сме среќни, но ги повикувам луѓето да останат разумни и да му „судат“ подоцна. Начинот на кој го постигна вториот гол покажува со каква самодоверба игра. Нема многу такви фудбалери на планетата – објаснува членот на управата на Борусија и поранешен германски репрезентативец, Себастијан Кел.

Ерлинг Халанд е купен за само 20 милиони евра и доколку продолжи во ист ритам, до крајот на сезоната не само што ќе ги оправда средствата дадени како обесштетување, туку ќе ги оправда и средствата за бонусите, осум милиони евра за неговиот татко и 10 милиони евра за неговиот агент, Мино Рајола.

– Затоа и го доведовме, да биде волшебен – изјави капитенот Марко Ројс по вториот натпревар на Халанд.

Со доаѓањето на Халанд, се врати и насмевката токму кај капитенот бидејќи повеќе нема да игра на позиција на „лажна деветка“ туку ќе се врати во средниот ред и ќе го прави тоа што најдобро го знае, ќе му асистира на новото фудбалско чудо.

– Ерлинг е незапирлив. Постојано сака да ги поместува границите, сака да победува. Јас како тренер се чувствувам фантастично што имам на располагање ваков фудбалер – вели стратегот на „милионерите“, Лусиен Фавр.

Иако има само 19 години и веќе е во рангот на најдобрите напаѓачи, Ерлинг Халанд, остава неговите игри да збруваат за него. Тој не сака да се експонира пред медииумите, не е активен на социјалните мрежи, и покажува дека славата воопшто не му удрила во глава.


Токму тие предуслови се најважни за Халанд да продолжи да го трасира патот кон фудбалската елита но и кон историските книги на фудбалот.

– Секој ден го гледаме како тренира, како се однесува и колку е посветен. Со таков пристап има голема шанса да продолжи да дава голови на секој натпревар. Неговата работна етика е неверојатна, посебно доколку се знае дека има само 19 години. Уште на првиот тренинг се виде дека станува збор за специјален фудбалер – вели штоперот на Борусија, Матс Хумелс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот