Ердогановите ултранационалистички пријатели предизвикуваат тензии во владејачката партија

epa08563588 People wave the Nationalist Movement Party (MHP) flag as they wait for the first Friday prayer during the official opening ceremony of Hagia Sophia as a mosque in Istanbul, Turkey, 24 July 2020. Turkish President Recep Tayyip Erdogan will attend the first Friday prayers. Turkey's highest administration court on 10 July ruled that the museum that was once a mosque built in a Cathedral would be turned into a mosque again by annulling its status as museum. EPA-EFE/SEDAT SUNA

Кога Реџеп Таип Ердоган беше исмеан од турската опозиција за идејата дека сака да спроведе реформа на судството, во одбрана на турскиот претседател јавно застана еден негов непријатен приврзаник: мафијашки бос.

„Внимавајте како чекорите“, предупредувачки му порача минатата недела преку социјалните мрежи Алатин Чакичи – човекот кој е осуден за убиство и вмешаност во организиран криминал – на Кемал Киличдароглу, лидерот на опозицијата, откако политичарот ја доведе во прашање искреноста на претседателот.

67-годишниот Чакичи, кој беше осуден на 19 години затвор во 2006 година за наредба за убиство на неговата поранешна сопруга, е важна фигура за десничарските ултранационалисти што ја поддржуваат владата на г. Ердоган. Партијата за Националистичко движење успешно лобираше за ослободување на осуденикот од затвор на почетокот од оваа година, како дел од амнестијата поврзана со епидемијата на коронавирусот. По неговата закана кон г. Киличдароглу, лидерот на Националистичкото движење, Девлет Бахчели, јавно го пофали мафијашот како „другар“ и „патриот“.

Алатин Чакичи
67-годишниот Чакичи, кој беше осуден на 19 години затвор во 2006 година, за наредба за убиство на неговата поранешна сопруга, е важна фигура за десничарските ултранационалисти што ја поддржуваат владата на г. Ердоган Порано, идеологијата на партијата за Националистичко движење многу му пречеше на Ердоган. Но, националистите испорачуваат гласови/ Фото: EPA PHOTO EPA/STR

Важноста на оваа партија честопати е недоволно ценета надвор од Турција: г. Ердоган доминира во медиумските наслови. Но, претседателот, кој е на власт во последните 18 години, секогаш владеел преку одржувањето на неформални коалиции. Во минатото, неговите сојузници беа либералите, Курдите и движењето на пребеганиот свештеник Ѓулен со неговата нетранспарентна мрежа на следбеници, кој му помогна на Ердоган да воспостави контрола во државата.

Денес, пак, неговиот клучен партнер за владеење во Турција е токму Националистичкото движење, партија која тврдокорно се залага за прашањата од областа на националната безбедност, ја поддржува смртната казна, а се обвинува и за поврзаност со уличните насилства во земјата. Порано, нејзината идеологија многу му пречеше на Ердоган. Но, националистите испорачуваат гласови. Преку нив, исто така, на Ердоган му се пополни една празнина што ја остави имплозијата на неговиот однос со Ѓуленистите, што кулминираше со насилниот обид за државен удар во 2016 година (иако Ѓулен и денеска негира дека го нарачал пучот).

Дури Ердоган и да беше искрен со повикот за судски и демократски реформи – премиса која од многумина се третира со длабок скептицизам – Националистичкото движење може да стави вето на сè што ги надминува нивните „црвени линии“

Сепак, постарата политичка аналитичарка на Европскиот совет за надворешни односи, Асли Ајдинташбаш, вели дека „моќта на Националистичкото движење во системот е далеку поголема од изборната поддршка што ја носат на купот на масата“. „Тие ги обезбедуваат кадрите во рамките на безбедносните служби и другите делови на бирократијата што му се потребни на Ердоган.“

Како резултат на тоа, вели Ајдинташбаш, раскинувањето на коалицијата на Ердоган со нив ќе биде тешко изводливо. Па, сепак, овој сојуз предизвикува непријатност за некои фракции во Ердогановата АКП, кои сметаат дека соработката со националистите е фактор во ерозијата на јавната поддршка за нивната партија.

Реџеп Таип Ердоган е придружуван од Ерсин Татар, лидер на кипарските Турци, десно е Дештет Бахчели, лидер на партијата Националистичко движење, во посета на Фамагуста на северен Кипар под контрола на Турција

Тензиите излегоа на површината. Во неочекувано силната интервенција на јавната сцена минатата недела, ветеранот на АКП, Булент Аринч, повика на ослободување на двајцата познати политички затвореници во Турција, филантропот Осман Кавала и курдскиот политичар Селајатин Демирташ. Но, на ова барање со одбивање возврати Националистичкото движење, а Ердоган јасно стави до знаење дека нема намера да ослободи ниту еден притвореник. Како последица на тоа, минатиот вторник г. Аринч поднесе оставка од членството во еден од советодавните комитети на претседателот.

Оваа епизода ја нагласува дилемата за турскиот лидер. Дури Ердоган и да беше искрен со повикот за судски и демократски реформи – премиса којашто од многумина се третира со длабок скептицизам – Националистичкото движење може да стави вето на сè што ги надминува нивните „црвени линии“.

Ердоган би можел да се соочи со истиот проблем при секој обид за ресетирање на односите со Европа, особено ако за тоа се потребни отстапки во континуираниот спор со Кипар, што е толку важно прашање за националистите што во нивното партиско седиште имаат базен во форма на островот.

„Ердоган е малку заглавен во однос на тоа како да ја одржи АКП заедно, а истовремено да ја гарантира поддршката од 50 проценти и повеќе од гласачите“, вели Јапрак Гурсој, виш предавач по политика и меѓународни односи на Универзитетот „Астон“ во Велика Британија. „Како да ги помири интересите на овие две групи?“, се прашува Гурсој.

Г-ѓа Ајдинташбаш смета дека турскиот претседател, кој во политиката се смета за архипрагматичар, можеби ја тестира идејата за промена на коалицискиот партнер. Но, отуѓувајќи ги повеќето други политички групации, не е јасно кого би можел да најде за коалицирање за да го замени Националистичкото движење.

Засега, г. Ердоган успева да одржи еден обединет фронт на своја страна. Минатата недела, тој им „за`ржа“ на оние кои поттикнуваат „бунт“ во владејачката алијанса и им се заблагодари на ултранационалистите за „стоењето покрај нас во секое прашање што е во интерес на нашата земја и на нашата нација“.

 

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (28-29 ноември 2020) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот