Ердоган го вовлекува НАТО во сопствената изборна кампања

Реџеп Таип Ердоган/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Никој не верува дека АКП нема да освои најмногу гласови на изборите во мај, но резултати од анкети укажуваат дека рејтингот на претседателот Ердоган е понизок во споредба со потенцијалните предизвикувачи – лидерот на опозициската партија ЏХП Кемал Киличдароглу, како и популарните градоначалници на Истанбул и на Анкара

Двата провокативни инциденти во Стокхолм ги оддалечија Шведска и Финска од членството во НАТО, но од друга страна го зголемија политичкиот рејтинг на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на неговата Партија на правдата и развојот (АКП) во кампањата за парламентарните избори.

Никој не верува дека АКП нема да освои најмногу гласови на изборите во мај, но резултати од анкети укажуваат дека рејтингот на претседателот Ердоган е понизок во споредба со потенцијалните предизвикувачи – лидерот на опозициската партија ЏХП Кемал Киличдароглу, како и популарните градоначалници на Истанбул и на Анкара.

Ердоган итно реагираше и во својата кампања ја вклучи планираната експанзија на НАТО откако прокурдски екстремисти во Стокхолм обесија кукла со неговиот лик, а набрзо потоа дански десничар ја запали и светата книга Куран, навредувајќи ги сите муслимани, а не само Турците. Со јавното палење на Куранот не бил прекршен закон во Шведска, но Стокхолм ќе трпи политички последици, бидејќи Анкара се закани дека нема да дозволи НАТО да се прошири со двете скандинавски земји сѐ додека не ѝ ги испорачаат на Турција сите осомничени терористи и не престанат да им укажуваат гостопримство на членови на организации што Анкара ги смета за терористички.

Чувствувајќи се загрозени од руската воена инвазија врз Украина, Шведска и Финска лани во мај се решија на радикални чекори – да ги напуштат вековните позиции на неутрални земји (што придонесе за благосостојбата на нивните граѓани) и да се приклучат кон НАТО. Но, тие сега цела година се во „ничија територија“, бидејќи ако решат да го надминат противењето од Анкара ќе мора да отстапат и од друга важна вредност со која се гордеат – почитувањето на човековите права и слободи.

По грубите провокации, Ердоган ги откажа средбите посветени на кандидатурите на Шведска и на Финска за членство во НАТО, а шефот на дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека е „бесмислено“ да се одржи трилатерален состанок со претставници од Стокхолм и од Хелсинки.

Шведскиот премиер Улф Кристершон изрази оптимизам дека неговата земја до средината на оваа година ќе стане членка на НАТО наспроти спорот со Турција.

– Има шанси, без никакво сомнение – изјави Кристершон, изразувајќи надеж дека „тоа ќе се случи што е можно поскоро“.

Дали неговите надежи ќе се остварат во очекуваниот термин „средината на оваа година“ ќе зависи од исходот од парламентарните избори во Турција, закажани за на 14 мај. Овие избори се сметаат за најтежок тест за АКП и за Ердоган, кој во изминатите две децении не претрпел политички пораз. Доминантната позиција на владејачката партија е загрозена од економската криза низ која поминува Турција и која сѐ посилно се одразува врз граѓаните. Инцидентите во Стокхолм му дадоа можност на Ердоган да ги претстави „исламофобијата во Европа“ и „поддршката на терористичките организации и непријателите на исламот“ како најголеми закани за Турција и со нив да ги покрие проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат.

– Ердоган настојува да ги искористат надворешнополитичките прашања за да извлече политичка полза – изјави за Ројтерс Мерал Аксенер, лидерка на партијата ИЈИ, четврта според бројот на пратеници во Парламентот во Анкара.

Озер Сенџар од анкетната агенција „Метропол“ смета дека Ердоган ќе настојува да го насочи вниманието кон „европската исламофобија“, за да ја консолидира сопствената гласачка база.

– Тој за себе во Турција создава перцепција на силен лидер. Ако можете да излезете на крај со безбедносен проблем, луѓето лесно се постројуваат зад силни лидери – вели Сенџар.

Властите во Стокхолм и во Хелсинки се свесни дека нивната безбедност е заложник на предизборната кампања на Ердоган.

– Секако дека тие се под притисок од изборите во средината на мај. Поради тоа дискусиите разбирливо се вжештија на многу начини во Турција – изјави шефот на финската дипломатија Пека Хаависто.

Ројтерс пренесува и предупредување од анонимен западен дипломат дека како последица на политиката во Турција, проширувањето на НАТО може да биде замрзнато дури до октомври, за кога се очекува да се формира новиот состав на парламентот во Анкара, по политичките преговори и летните одмори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот