Епископ Партениј: Да не се прави „теологија” од вакцинацијата

Епископот Партениј во интервју за МИА зборува за празничниот период, кој го поминуваме во невообичаени услови на пандемија на Ковид-19, кој секако внесе промени и во вообичаеното функционирање на Црквата, за пожртвуваноста на здравствените работници, изминатиот период. Како придобивка од целата ова состојба со пандемијата го напомена духовно зближување на луѓето, поттикнувајќи многумина да вршат добри дела.

За социјалната дистанца, која ја наметна пандемијата и колку таа придонесува за оттуѓување на човекот, епископот Партениј вели дека главниот фактор на отуѓувањето има духовен карактер и зависи од внатрешната состојба на поединецот. Тој вели дека најголемиот дел од клирот на МПЦ-ОА во текот на целиот период на пандемијата се однесувал крајно совесно и одговорно, преку соопштенија и укази, како на синодско, така и на епархиско, локално ниво, за придржување до препораките од здравствените и државните власти, а во врска со Светата Причест додава дека „таа е Таинство на Црквата востановено од Самиот наш Спасител и Лекар на душите и телата, Господ Исус Христос и како такво е залог за вечноста. Црквата ниту се откажала, ниту, пак ќе се откаже некогаш од основата на којашто почива севкупната нејзина градба, од својата суштина”.

Да не се прави „теологија” од вакцинацијата, обединет пристап кон ова прашање, но и порака дека Црква кон него треба да се постави со расудливост, со пастирска грижа за ближните, а не со радикалност и фанатизам, порачува Партениј во интервјуто за МИА. Тој нагласува дека проблематиката на вакцините не е во надлежност на Црквата, туку на научните медицински институции и работници, а медицината досега дала голем придонес во развојот на човештвото и не треба да се потценува. За него лично вели дека доколку докторите сметаат оти треба да се вакцинира, тој тоа ќе го стори.

– Сосема непотребно е да се прави некаква си „теологија” за вакцинирањето. Проблемот е чисто научнички, а Црквата како заедница на верните отсекогаш ги поттикнувала и развивала позитивните научни сознанија и ги инкорпорирала во своето живеење. Притоа, тука треба да забележиме, дека најважна е соборноста на Црквата и соборните, синодски одлуки и ставови, а не индивидуалните мислења на одделни архијереи, свештеници и духовници, коишто може да се беспрекорни во својата духовничка дејност, но не и експерти по медицина. Исто така, се забележува и манипулирање со добри и познати духовници, кои поради недоволно познавање на темата и наговорени од некои квази-зилотски струи, истапуваат со јавно мислење, зборуваат против медицинските пронајдоци, потпаѓајќи под влијание на теориите за заговор, рече Епископ Партениј.

Според владиката не треба да ги забораваме благодетите од медицинската професија, благодарение на која човештвото се избавило од многу тешки и страшни страданија.

– И медицината е наука во која се пројавува дејството на Божјата благодат и просветление. Така, на пример, и основоположникот на вакцинацијата, кој со своите научни откритија и вакцината против антракс и беснило спасил неизмерен број животи, Луј Пастер, бил длабоко побожен Христијанин. И денес многу доктори и научници, и во странство и кај нас, се добри и посветени верници, дел од Црквата која во себе вклучува членови од сите професии и општествени кругови, коишто не би дозволиле да им се случи некое зло на нивните ближни. Меѓутоа, за жал, понекогаш во Црквата гледаме некои клирици и верници кои со фанатизам гледаат на работите што се надвор од нивниот домен, а некои дури и јавно искажуваат злорадост за нечие страдање – што, секако, нема допирна точка со учењето на Христа. За некои мерило на нивната вера како да е осудата на другиот, место мерило да бидат делата на аскезата. Затоа, ќе повторам, најважна од сѐ е соборноста и нејзиното почитување. Соборноста е критериум за исправноста на нештата. Што се однесува лично до мене, доколку докторите сметаат дека е потребно и безбедно да се вакцинирам, тогаш ќе го сторам тоа, вели Епископ Партениј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот