Енормниот број заразени со Ковид-19 не е од олабавувањето на мерките, туку од времето на полицискиот час

Новиот голем број заразени со коронавирусот не е резултат од олабавување на рестриктивните мерки, како укинувањето на полицискиот час на пример, туку е резултат на однесувањето на граѓаните во периодот кога имаше строги рестрикции, односно непочитување на забраната за собири, непочитување на дистанцата, неносењето маски и групирањето, тврдат за „Слободен печат“ високи извори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Институтот за јавно здравје вчера објави дека имало 62 новозаразени со Ковид 19, од кои дури 42 биле во контакт со заразен. Од тие 62 нови случаи, во болница хоспитализирани се дури 9 а 25 имаат пропратни болести односно коморбидитети. Новите заболени се најмногу на возраст од 40 до 49 години.

Од медицинските техничари кои земаат материјали за испитување на Ковид 19 во Скопје, дознаваме дека на терен се соочуваат со голем отпор кај дел од населението кое одбива да се тестира и ги лаже дека им е земен брис. Им се закануваат, не ги кажуваат контактите, се кријат за да не добијат решение за изолација.

– Се јавувам, ја барам адресата, точно да ги прашам каде се за да им земам брис. Ми велат да не доаѓам, зашто веќе отишле на пункт во Чаир да се тестираат. Се враќам во канцеларија, проверувам во системот, не се тестирале – вели еден од медицинските техничари ангажирани да зема материјали за испитување на Ковид 19 на територијата на Скопје.

Во Скопје е многу пораснат бројот на налози за тестирања за коронавирус, до степен што морало да се зголемат бројот на екипи што земаат брисови. Наместо досегашните три екипи, сега има пет.

Последен случај на ваков отпор и несоработка со здравствените власти имаше кога семејството на покојникот чиј брис после смртта беше докажан позитивен, а кое организирало погреб со 200 присутни, не сакаше да се тесрира, а на крајот попушти откако Министерството за здравство им се закани дека брисевите ќе се собираат со полициска асистенција.

И покрај тоа што Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги издава решенијата за задолжителна изолација на позитивните со коронавирус, сепак, Инспекторатот нема законска надлежност да контролира кој е дома, кој излегува надвор, дали се почитуваат тие решенија, туку тоа е надлежност на Министерството за внатрешни работи.

Такви ингеренции инспекторите немаат, но се во секојдневен контакт со МВР, каде испраќаат списоци со точните имиња презимиња, адреси на заболените, а потоа полицијата треба да ги контолира дали се дома и да ги проверува.

Неофицијално, денеска на Комисијата за заразни болести, не била донесена мерка да се стават во карантин општините со најголем број заразени, туку и понатаму да се мониторира состојбата и да се види дали бројките се тренд или се варијација. Во меѓувреме, на жителите на најкритичните региони од Скопје, не им е забрането да одат во други населени места, да се појавуваат на работните места во институции и на таков начин ризикот е голем.

Бујар Османи предупреди дека денеска бројката на новозаразени ќе биде повисока од 62-цата евидентирани вчера и апелираше сите луѓе да ги почитуваат мерките и да се однесуваат како секој да е заразен за да се заштитат.

Вчера во Скопје имаше 24 нови случаи од кои најмногу во Чаир 11, шестмина во Бутел, Карпош Сарај и Аеродром по двајца и едно лице во Гази Баба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот