Еко-активистите ќе ги расчистуваат недоразбирањата околу депонијата „Русино“

Гостиварскиот градоначалник во Скопје ќе се сретне со министерот Насер Нуредини, откако им беше кажано дека ова привремено решение ќе биде „привремено“ уште цела деценија.

Не сме подготвени следниве 10 години да бидеме домаќини на регионална депонија за целиот регион, бидејќи локацијата на депонијата на Русино е несоодветна за таа намена, а нас никој не нè прашал дали сакаме на само еден километар од нашите домови да се носи ѓубре од цел Полог, вели за „Слободен печат“ Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар.

Гостиварскиот градоначалник изјави дека утре во Скопје ќе се сретне со министерот за животна средина Насер Нуредини во врска со состојбите со депонијата Русино. Претходно, еко-активистите што уште од 2 август годинава ја спуштија рампата на Русино за сите камиони со смет што не доаѓаат од Гостивар, на социјалните мрежи објавија дека рампата повеќе нема да се крева ниту за камионите на гостиварското јавно комунално претпријатие во знак на протест.

Еко-иницијативата во саботата го блокираше локалното јавно претпријатие „Комуналец“ во намерата да депонира смет во депонијата Русино.

Таравари вели дека и тој, како и неговите сограѓани, е иритиран од изјавата на министерот за животна средина Насер Нуредини, дадена во петокот, дека Русино и натаму се планира за депонија што ќе го собира целокупниот отпад од деветте полошки општини.

– Сосема се игнорирани барањата на граѓаните на Гостивар, кои веќе месец и половина протестираат блокирајќи го влезот на депонијата за камионите со смет. Гостиварци можеби и би можеле да издржат уште две-три години на гостиварската депонија да се носи смет и од други места, но само ако во меѓувреме паралелно се работи на обезбедување и уредување нова депонија на друга локација – вели гостиварскиот градоначалник.

На прашањето, пак, што ќе прави во меѓувреме Општината со гостиварското ѓубре, Таравари одговори:

Ѓубрето ќе седи несобрано додека не се реши проблемот!

По петочката прес-конференција на Нуредини, на која тој прашан како ќе го реши проблемот со депонијата Русино, која континуирано го загадува воздухот и водите во непосредна близина на Гостивар, одговори дека Владата и натаму го гледа Русино како регионална депонија, но како „транзициско решение само за наредните 10 години“. Нуредини најави финансиска помош од швајцарската влада во износ од 1,9 милиони швајцарски франци за нужно опремување и подобрување на сегашната состојба во која се наоѓа депонијата Русино, а потоа и дополнителни 6-7 милиони за натамошен развој на проектот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот