Египет изгуби од Етиопија важна битка во војната за Нил

Етиопија тврди дека нејзината брана е помоќна од Асуанската во Египет - Фотографија Profimedia

Египетските власти жестоко реагираат откако Етиопија ја наполни со вода акумулацијата на својата хидроелектрична централа на Синиот Нил, најголема во Африка.

Етиопските власти тврдат дека спорната хидроцентрала, децениски мегапроект во кој вложија 4,2 милијарди долари, нема да го остави Нил без вода. Проектот почна уште во 2011 година, со цел Великата етиопска ренесансна брана (ГЕРД) висока 145 метри да овозможи генерирање над 6.500 мегавати електрична енергија и двојно да го зголеми производството во земјата во која половината од вкупно 127 милиони жители немаат струја. Првата од 13-те турбини во централата почна да генерира струја лани во февруари. Со целосното полнење на акумулацијата од 74 милијарди кубни метри значително се зголемува нејзиниот капацитет.

– Со големо задоволство објавувам целосно спроведување на четвртото и завршно полнење на браната Ренесанса – порача етиопскиот премиер Абиј Ахмед.

Но, Египет го смета водостојот на Нил за егзистенцијално прашање, бидејќи стотина милиони жители, односно 90 отсто од популацијата, добиваат вода за пиење од реката. Египет се жали Етиопија не постигнала договор со земјите низводно по Нил за оперирањето на браната ГЕРД.

– Едностраната одлука за полнење на нелегалната акумулација ја нарушува декларацијата за принципи потпишана од трите земји во 2015 година. Во декларацијата пишува дека трите земји треба да постигнат договор за оперирањето на ГЕРД пред да почне процесот на полнење на акумулацијата. Едностраните мерки на Етиопија ја загрозуваат безбедноста за пристап до вода на земјите низводно по Нил, што е гарантирано со принципите на меѓународното право – објави Министерството за надворешни работи на Египет.

Судан, во кој Нил влегува 30 километри низводно по браната, вчера не реагираше на изјавата на Ахмед. Во оваа ситуација Судан не би изгубил многу вода, а добива пристап до струја.

Нил го полни Средоземно Море со вода од 11 земји. Синиот и Белиот Нил се спојуваат во Судан. Египет во 1959 година постигна договор да добива годишно по 55,5 милијарди кубни метри вода од Нил, а Судан да задржи 18,5 милијарди. Етиопија нема квота и не го признава договорот.

Египет објаснува дека водата во Ренесанса нема да го загрози протокот, но стравува дека при голема суша, како во неколкуте пред половина век, Етиопија би можела подолго време да ги чува резервоарите на максимално ниво. При таква ситуација Каиро пресметал дека годишно би губел 1,8 милијарда долари и по повеќе од 1 милион работни места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот