Џејмс Рубин: Регионот е сериозно затруен од руски дезинформации

Сигурен сум оти во Кремљ има луѓе кои не сакаат Северна Македонија да напредува на патот кон ЕУ, вели специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.

Западен Балкан, вклучително и Македонија, е место каде што проблемот со дезинформации е реален, а просторот е сериозно „затруен“ пред сè од руски дезинформации кои потоа преку центар во Србија се шират и се промовираат низ регионот. Со оваа констатација настапи специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин на средбите што ги имаше во Скопје.

– Целта на Русија е да предизвикува поделби меѓу државите и народите со ширење лаги и пропаганда и со претставување на работите „црно-бели“, а одговорните влади не дозволуваат нивните земји да шират отров. Труењето со информации е загадување и тоа мора да се исчисти – порача Рубин.

Тој денеска, на вториот ден од престојот во Македонија, разговараше со претседателот на државата Стево Пендаровски за начините за справување со дезинформациите. Пендаровски оценил дека дезинформациите можат да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Според него, земјава активно работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, за превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите со дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции.

Рубин на брифинг со дел од медиумите изјави дека е сигурен дека во Кремљ има луѓе кои не сакаат Северна Македонија да напредува на патот кон ЕУ.

– Сигурен сум дека седат некаде и размислуваат што да преземат за да направат проблем и сè што можам да кажам дека овдешната влада ќе соработува со нас за да се создаде поширок општествен пристап кон справувањето со дезинформациите, како институции, закони, стандарди – изјави Рубин.

Тој говореше и за уставните измени, при што нагласи дека е легитимно некој да изнесува свое мислење и да не се согласува со таквите одлуки, но доколку се шират дезинформации и пропаганда, тогаш ќе биде многу тешко да се води нормална политички дебата за прашања како што е промената на Уставот.

Дезинформациите, според него, се предизвик кој тешко се препознава, но постојат надежни знаци, како тој дека македонската Влада ги препознава како закана и сака да работи со САД за нивна идентификација и за создавање на институционални капацитети за справување со овој проблем. Во Скопје Рубин беше примен и од премиерот Димитар Ковачевски, а имаше средба и со невладини организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот