Две меѓународни премиери на филмот „Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски

Филмот „Љубовната соба“ имаше проекции во Феникс и во Загреб

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, „Сузи Кју продукција“ и „Аворд Филм и Видео“ имаше две истовремени меѓународни премиери во текот на март, на „Феникс Филм Фестивал“ во Ариозна, САД, и на „Загреб Докс“ во Загреб, Хрватска.

Филмот „Љубовната соба“ е избран во официјалната селекција во категоријата „World Cinema Features“ на фестивалот во Феникс. Фестивалот се одржува од 23 март до 2 април, а „Љубовната соба“ имаше три проекции од 24 до 26 март. Режисерката Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учестува во панел-дискусијата за филмот.

Инаку, Филмскиот фестивал во Феникс – Аризона стартуваше во 2000 година, но за кратко време прерасна во најголем филмски фестивал во Аризона, а од неодамна е прогласен за еден од 25-те најбарани филмски фестивали и Топ 50 фестивали од страна на списанието „Movie Maker“, како и еден од најбараните фестивали за филмаџиите, каде годишно се одржуваат над 275 проекции, безброј работилници и семинари за снимање филмови со капацитет за публика над 20.000 гледачи.

Во истиот период „Љубовната соба“ од 26 март до 2 април ја има и втората меѓународна премиера на 19-то издание на „Загреб Докс“ во Хрватска, во регионалната селекција. Филмот има две проекции на 28 и 29 март.

„Загреб Докс“ е меѓународен фестивал на документарен филм што се одржува во Загреб секоја година на почетокот на пролетта. Започнат во 2005 година, фестивалот има за цел да ги понуди последните документарни филмски остварувања и да ја стимулира националната документарна продукција, како и да ја зајакне меѓународната и регионалната соработка со копродукции.

Документарниот филм „Љубовната соба“, на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кои главни протагонисти се две млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.

Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент („Сузи Кју продукција“), а ко-продуцент е „Аворд Филм и Видео“. Извршен продуцент е Владимир Стојчевски, менаџер на продукција е Горан Стојилковиќ, директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, а тонски дизајнер е Игор Поповски.

„Љубовната соба“ минатата година во март 2022 ја доби наградата „Neaniko Plano Award“ на „Агора Докс“, фестивал за документарен филм во Солун, Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот