ДУИ се коцкаше и изгуби, ќе изгуби ли и Пендаровски?

Бујар Османи, Стево Пендаровски Фото: Колаж Слободен печат

Потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми не прецизира дали неизгласувањето на измените на Законот за игри на среќа ќе биде пресудно ДУИ во вториот изборен круг да не го поддржи Пендаровски за претседател на државата, зашто е убеден дека нивниот кандидат Бујар Османи ќе обезбеди пласман во вториот круг.

ДУИ му е лута на шефот на државата Стево Пендаровски бидејќи тој одби да го потпише указот за Законот за игри на среќа, но не и на пратениците од СДСМ и коалицијата, иако од вторпат токму тие не обезбедија мнозинство и законот дефинитивно не помина во Собранието. Потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми не прецизира дали неизгласувањето на законот ќе биде пресудно ДУИ во вториот изборен круг да не го поддржи Пендаровски за претседател на државата. Адеми е убеден дека нивниот кандидат Бујар Османи ќе обезбеди пласман во вториот круг на претседателските избори.

„Слободен печат“ неодамна објави дека ДУИ ќе оди со свој кандидат за претседател на државата, и тоа со Бујар Османи, и дека „интегративците“ му го свртеа грбот на владиниот партнер СДСМ за претседателските избори, откако шефот на државата Пендаровски одби да го потпише указот за законот за игри на среќа и за забавните игри, а со тоа пропадна идејата за консензуален кандидат за шеф на државата. Тогаш висок функционер на ДУИ за „Слободен печат“ брифираше дека Пендаровски сам си ја затворил вратата за поддршка од „интегративците“ за претседателската кандидатура со непотпишувањето на указот за законот. Тој додаде дека ДУИ не може да помине преку одлуката на Пендаровски, од што требаше да се заклучи дека СДСМ не може да се надева на консензуална поддршка од владиниот партнер. ДУИ се налути зашто поддршка за законот, лично од Пендаровски, на тет-а-тет средба побарал Ахмети.

Арбер Адеми Фото: Адеми принтскрин

 

– Имаме замерки кон претседателот на државата со непотпишувањето на указот за Законот за игри на среќа, и тоа повеќепати сме го кажале. Но одлуката на пратениците на СДСМ јас ја знам, и таа се рефлектираше вчера. Мнозинството пратеници од СДСМ гласаа за Законот. Да, имаше пратеници од коалицијата што отсуствуваа, намерно или ненамерно, некои што гласаа против, но секој носи поединична одговорност пред граѓаните. Максимално сме фокусирани да ги добиеме претседателските избори. Бујар Османи во вториот изборен круг ни е целта, а во вториот изборен круг почнуваме од нула. Имајќи предвид дека има поголем коалициски капацитет, очекуваме и победа на доктор Османи – рече Адеми.

На прашањето – дали ќе го поддржат Пендаровски ако Османи не влезе во вториот круг, Адеми рече дека ќе го поддржат Бујар Османи и дека за друго сценарио не размислуваат, а сите капацитети им се насочени кон освојување победа на претседателските избори.

Измените на Законот за игри на среќа вчера попладне добија поддршка од само 51 глас во Собранието, и со тоа законското решение на кое инсистираше ДУИ дефинитивно не помина. Против законот гласаа 22 пратеника, а ниту еден не гласаше „воздржано“. Законските измени се вратија пред пратениците на повторно одлучување, откако шефот на државата Пендаровски на 13 февруари одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот поради тоа што процедурата се одвиваше со европско знаменце.

Според членот 75 од Уставот, претседателот на државата може да одлучи да не потпише указ за прогласување закон, по што тој се враќа на повторно разгледување во Собранието. Доколку при повторното одлучување Законот е усвоен со апсолутно мнозинство, односно ако за него гласаат мнозинство од вкупниот број пратеници – најмалку 61, шефот на државата е должен да го потпише указот. Во случајов, за Законот гласаа 51 пратеник, што значи дека тој не помина.

По гласањето, претседателот на Собранието Јован Митрески констатира дека Собранието не го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и за забавните игри.
Од кабинетот на Митрески појаснија зошто Законот не го исполнил условот да биде донесен.

– Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У. бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен законот потребни се најмалку 61 глас „за“, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас „за“, со што не се исполнети условите Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој закон – појаснија оттаму.

И од Кабинетот на Пендаровски се повикуваат на соопштението од Собранието, односно дека парламентот нема да го достави законот до Пендаровски и дека со тоа завршува процедурата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот