ДУИ не се римува со опозиција

Фото: Слободен печат

ДУИ, иако тоа многумина го посакуваат, едноставно не може да оди во опозиција. Одлепувањето од власта, за партијата на Ахмети ќе значи осипување на членството, губење на гласачкото тело, а во прашање би можел да дојде и самиот опстанок на оваа политичка групација.

Клиентелистичкиот однос на традиционалните гласачи на Демократската унија за интеграција (ДУИ), изграден сите овие години во релациите со тесното раководство на партијата, не остава простор оваа политичка групација да замине во опозиција.

На сличен колосек беше и ВМРО-ДПМНЕ, партија која помеѓу два изборни циклуса ја загуби довербата на повеќе од 200 илјади гласачи, а причината повторно можеме да ја бараме во клиентелистичкиот однос што раководството го имаше воспоставено со голем дел од гласачкото тело.

Тоа може да се објасни на следен начин. Државниот буџет е ограничен, а пристап до јавните финансии ќе имаат само поединци и групи што ќе ја поддржат партијата која е дел од владејачката коалиција. Тоа беше заштитен знак на владеењето на Никола Груевски, а во истата матрица исклучително вешто се снајдоа и првенците на ДУИ, кои копирајќи го тертипот на своите браќа по национализам од ВМРО, многу бргу заборавија на кризата од 2001 година, шинелите од ОНА ги заменија со скапоцени костуми, заседнаа во удобните фотелји наместени по кабинетите на министерствата и почнаа да работат на тендери, огласи за вработување, да членуваат по комисии, управни одбори, да следат фудбал и да честитаат имендени.

Целата бунтовничка, воинствена и ослободителна премиса во очите на просечниот Албанец во Македонија, која беше проектирана од ДУИ, одеднаш исчезна бидејќи по само две години опозиција, Али Ахмети и Груевски го постигнаа т.н. „Мајски договор“, каде што џентлменски беше договорено дека партијата победник од македонскиот национален блок, секогаш ќе коалицира со победникот од албанскиот национален блок. На овој договор коалицијата помеѓу ВМРО ДМПНЕ и ДУИ почиваше цели девет години. Но, токму Ахмети, кој по секоја цена настојуваше да ја урне коалицијата на Груевски и Мендух Тачи, оформена во 2006 година, сепак по претпоследните парламентарни изброи го прекрши зборот и направи коалиција со СДСМ, иако оваа партија освои помалку пратенички места од ДМПНЕ.

Сега ДУИ е пред нов предизвик. Во раководството на партијата се бара начин како да се преживеат уште едни преговори во низа, кои ДУИ ќе ја изнесат на победничката страна. Затоа, воопшто не би се зачудил доколку оваа партија се сложи да биде дел од каква било коалиција, која ќе ѝ гарантира сигурен дел од „колачот“, кој партиципирањето во власта со себе го носи. Се разбира дека никаква платформа, програма или предизборното ветување за Албанец премиер нема да биде битно, туку главната битка ќе се води за прераспределбата на министерствата, директорски позиции, местата во управните одбори и амбасадорските дестинации.

ДУИ, иако тоа многумина го посакуваат, едноставно не може да оди во опозиција. Одлепувањето од власта, за партијата на Ахмети ќе значи осипување на членството, губење на гласачкото тело, а во прашање би можело да дојде и самиот опстанок на оваа политичка групација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот