Државните архиви на Северна Македонија и Италија ќе соработуваат следните четири години

Жени со заштитна маски на плоштад „Македонија“ во Скопје ковид-19 коронавирус
Жени со заштитни маски на плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Директорот на Државниот архив, Емил Крстески, и генералната директорка на Генералниот директорат на архивите на Италија, Ана Мариа Буѕи, во Рим потпишаа четиригодишен Договор за соработка меѓу овие две институции.

Со Договорот, кој се темели врз Меѓународниот етички кодекс на архивистите, усвоен во Пекинг во 1996 година од страна на Меѓународниот архивски совет, е опфатено унапредувањето на научно-историската и професионална соработка, реализирањето заеднички проекти, размената на експерти, како и унапредувањето на заемната меѓународна соработка во областа на архивистиката.

Како што соопшти Државниот архив на РСМ, пред потпишувањето на Договорот, директорите на двата архива, разменија мислења и искуства за нивното функционирање во современите техничко-технолошки услови и за актуелните проблеми со кои се соочува архивската дејност.

– Договорот за соработка меѓу двата архива, што официјално го потпишавме во Рим, претставува нова, солидна основа за успешни контакти со италијанските колеги, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Тој, истовремено, е значаен дел и е во согласност со таканаречената Петта програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу двете земји до 2024 година која е во подготовка, изјави по средбата директорот на Државниот архив, Емил Крстески, кој имаше и одвоена средба и разговор и со директорката на Државниот архив на Рим, Мариа Беатриче Бенедето.

Со неа беше конкретно разговарано за скорешна размена на студенти и експерти меѓу двата архива, што би се реализирало и во рамкит на утврдената соработка меѓу министерствата за култура на двете земји. На средбите и разговорите учествуваше и нашиот в.д. амбасадор во Република Италија, Звонимир Поповиќ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот