Државниот врв упати честитка до граѓаните од исламската вероисповед по повод празникот Курбан Бајрам

По повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието, Талат Џафери упатија честита до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Македонија.

Ви посакувам празничните денови да ги поминете во слога, хармонија и благосостојба помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и разбирање. Курбан Бајрам, празникот кој се темели на солидарноста и дарежливоста, нека биде поттик на сите граѓани за заедничко надминување на предизвици во нашето мултиетничко општество. Во духот на празникот Курбан Бајрам, да продолжиме да ја градиме нашата држава на темелите на разбирањето, соживотот и грижата за другиот, порача Пендаровски.

Претседателот на Владата, Ковачевски во честитката порача дека одбележувањето на овој празник симболизира солидарност и благостостојба.

Празникот Курбан Бајрам сите нас нè потсетува на значењето и големината на споделувањето, љубовта кон блискиот и взаемната почит. Нека овој ден нè зближи уште повеќе во нашите заеднички напори за промоција на демократските и европски вредности во духот на мултикултурализмот, по што сме препознатливи во светот. Како што овој празник се одбележува преку сплотеноста на заедничката трпеза во кругот на семејството, роднините и пријателите, така да бидеме сплотени на нашиот пат кон приклучувањето во големото европско семејство, се наведува во честитката.

Од име на пратениците во Собранието,  како и од негово, собранискиот претседател Талат Џафери на сите припадници на исламската вероисповед им изрази честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан Бајрам, со надеж дека празникот ќе ги најде во добро здравје, душевен мир и семејна топлина, каде и да се празнува.

Курбан Бајрам e празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето, празник на споделувањето и себе – вложувањето, на разбирањето и почитувањето меѓу луѓето. И оваа година Курбан Бајрам нека ги облее срцата на сите луѓе и нека ги исполни со радоста што ја носи со себе. На овој голем ден да ја споделиме трпезата, да го споделиме она што го имаме со блиските или далечните, познатите или непознатите, со оние кои имаат повеќе и со оние кои имаат помалку. Во ова време на премрежија низ кое поминува и целото човештво и нашата држава, да не дозволиме сами и осамени да поминуваме низ сопствените и туѓите битки и предизвици; да се обединиме за надминување на секоја пречка или тешкотија што се појавува пред нас. Да го славиме заедно животот и да ја градиме заедничката иднина, затоа што сите сме неотуѓив дел од ова тло. Честит Курбан Бајрам и многу години да го празнуваме, вели Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот