Државата нема за леб, Мицкоски бара чоколадо

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Мицкоски се закани со блокади и со протести ако не се распишат предвремени избори. Кога државата се задолжува за да може да може да ги покрие тековните трошоци и да им помогне на граѓаните со нови мерки, Мицкоски повикува на непотребни трошоци. Како што викаше Ставрески, немаме за леб, а купуваме чоколади. Ете тоа е домаќинското работење во ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по којзнае кој пат побара предвремени парламентарни избори. Додека да му се оствари желбата, ќе дојдат редовните. Според него, Македонија никогаш не била полоша. Изгледа заборавил на периодот кога со Македонија владееше неговиот сопартиец Никола Груевски. Но, ако Мицкоски има кратка меморија, народот памти и не заборава.

Тој му постави ултиматум на премиерот Димитар Ковачевски: или до 10 мај ќе прифати средба со него на која ќе се договорат предвремени избори, или ќе следат „досега невидени мерки“.

А какви се тие мерки? Исти како и досега. Блокирање на Собранието, но овојпат целосно. И тоа немало да трае кратко, туку додека не се распишеле избори. И сето ова, замислете, Мицкоски ќе го прави, не поради тесни партиски интереси, туку за да подаде рака. Да му подаде рака на Ковачевски да стане од фотелјата на Илинденска за да може тој да седне.

Зошто еднаш Мицкоски не го повика Ковачевски и не му подаде рака за да изградат, на пример, заеднички став во преговорите со Бугарија, па така заеднички сплотено, не водејќи се од тесни партиски интереси, да седнат и да изградат стратегија како да се справи државата со бесмислената бугарска блокада? Зошто еднаш Мицкоски не подаде рака за да се донесат клучни закони во Собранието кои во услови на здравствена и еконосмка криза требаше да им помогнат на граѓаните? Подаваше рака Мицкоски, но по долги натегања и реакции во јавноста. Откако ќе видеше дека му паѓа рејтингот.

И сите овие закани се испалуваат од Белата палата во услови на тешка економска криза. Кога државата се задолжува за да може да ги покрие тековните трошоци и да им помогне на граѓаните со нови мерки, Мицкоски повикува на непотребни трошоци. Како што викаше Ставрески, немаме за леб, а купуваме чоколади.

Ете тоа е домаќинското работење во ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна ја обвинуваат власта дека нема пари во државната каса, дека државата се задолжува, а од друга страна бара државата да троши милионски суми за исполнување на желбите на Мицкоски за избори. Тоа се тие национални интереси. Блокирај ја државата, блокирај ги граѓаните, расфрлај се со празни флоскули за криминал и корупција, притоа не вадејќи никакви докази, и вришти за избори.

А народот, на кој толку се повикува Мицкоски, каде е во целата приказна? Народот и понатаму ќе стиска заби и ќе се моли за подобро утре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот