Држава со ваква миграција мора да се загрижи за својата иднина

Дејан Србиновски/ Фото Слободен печат

Земјава останува без социјален и без општествен капитал, и тоа најмладиот, за кого овде нема ни интерес, ни стратегија, ни институционална поддршка.Треба да разбереме дека мора, по секоја цена, да ја добиеме битката во војната против иселувањето на младите

Меѓу петте главни проблеми со кои се соочуваат граѓаните не се економската и енергетска криза, ни меѓупартиските препукувања, ни заглавените евроинтеграции. Со години наназад, четири од петте главни проблеми што ги посочуваат граѓаните се економски – невработеностa, инфлацијата, сиромаштијата, нискитe плати… Петтиот проблем се менува во зависност од тоа што било актуелно во тој период – бугарската блокада, пандемијата со коронавирусот, спорот со името, иселувањето на младите…

Можеби нашите политичари и може, на „мускули“, да најдат некакви решенија за помалку важните проблеми, но се чини дека нема решение за тие што се најважни. Платите со години растат, а невработеноста се намалува, но тоа очигледно не е доволно. Ако се мерите со себе има напредок, но ако се споредите со светот, се гледаат огромните разлики.

Оваа седмица низ етерот на македонските медиуми како да проструи информација на која политичарите воопшто не ѝ посветија внимание и многу повеќе говореа за тривијални теми. Според резултатите на истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) насловено „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“ секој четврти македонски граѓанин заминал од државата, а истовремено бројот на емигранти од земјата во ЕУ последната деценија се зголемил за пет пати. Младите или, поточно, една четвртина од нашето работоспособното население заминува од земјата, а на политичките елити како да не им е грижа.

Постпрезентација на овие застрашувачки информации даде вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, но таа беше налик на некоја расипана лента што ја повторува истата песна од хорот со сите негови претходници на таа функција. Само се констатираше и се повторуваше рефренот – „ситуацијата е повеќе од загрижувачка“.

Вакви и слични податоци, за волја на вистината, не се за првпат публикувани во државата. Загрижувачките констатации се потврдуваат низ речиси сите истражувања за иселувањето на младите од земјата, што беа објавени во изминатиот период. Дека македонското население старее, а процентот на младите луѓе што својата иднина ја гледаат надвор од државата сѐ повеќе се зголемува, покажа и последниот попис на населението од 2021 година. По две децении од одржувањето на последниот попис, тој во 2002 година, бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека е загубено население колку две-три поголеми општини во земјата. Вкупното резидентно население на Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1.836.713 жители.

Тажен факт е дека нашите деца се едуцираат дома, а се реализираат во странство. Во тој процес Македонија се празни и тоа алармантно. Веќе е реткост да сретнете млад човек што нема да ви каже дека размислува или веќе има план да замине од државата. Без разлика дали станува збор за студент или за некој што работи. Мотивите се различни, но доминантно економски.

Светот одамна се потпира и на наши кадри, многу повеќе отколку нашава земја, која не ни сака да се потпира на оние што се научени да развиваат критичко мислење. Таквите не се вклопуваат во плановите на партиите за послушни и лојални кадри. Таквите не се потребни во биполарен и партизиран систем. Си заминуваат сите што не сакаат да бидат партиски потрчковци. Доколку годинава би имало нов попис, верувам дека бројките од претходниот може да ги фрлиме во првата корпа за отпадоци: темпото на иселувањето го гарантира тоа.

Земјава останува без социјален и без општествен капитал, и тоа најмладиот, за кој овде нема ни интерес, ни стратегија, ни институционална поддршка. Едноставно, талентираните се прегазени од партиските повторувачи и лепачи на плакати на изборите. На крајот на денот, треба да им ја пренесеме пораката на политичките партии дека сериозно треба да се фатат со решавање на овој проблем. Ним очигледно многу им е полесно да направат меѓупартиски кавги, отколку да се фокусираат на наоѓање решенија што ќе донесат позитивни промени за граѓаните. Најверојатно поради тоа што политичарите немаат доволен капацитет за одговорни политики ни во самите партии, но исто така и поради леснотијата на темите со кои тие, за жал, се натпреваруваат меѓу себе за време на изборната трка.

Партиите треба да разберат дека во овие моменти е потребно лидерство во вистинска смисла на зборот, а не само привидно. Државата е во длабока криза, нема нова и млада енергија, нема визија што треба да се прави во време кога светот драматично се менува предизвикан од војната. Токму затоа треба сите заедно да разбереме дека мора, по секоја цена, да ја добиеме битката во војната против иселувањето на младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот