Драгоцени филмски стории на перспективни автори ќе донесе 8. МФФ „Киненова“

Плакат за осмото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“

Филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асимина Проедроу на 13 октомври ќе го отвори осмото издание на МФФ „Киненова“, а награда за особен придонес во филмската уметност ќе добие српскиот актер Бранислав Лечиќ.

Осмото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ќе се одржи од 13 до 18 октомври во „Синеплекс“ во Скопје и во натпреварувачката програма носи осум драгоцени филмски стории на дебитанти и перспективни автори кои ги рушат стереотипите на воздржаност и одважно и вртоглаво се втурнуваат во вителот на актуелното, горливото, ранливото, убавото, грдото и доброто, одмаздољубивото и рамнодушното, тажното и среќното, во она што ни е на дофат и во она што е далеку од нас, во трансцедентното и во сурово реалното.

Со овие зборови директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ, ја претстави програмата, која изобилува со филмови кои користат и класични и експериментални концепти, но „ѓаволот“ е меѓу дијалозите, онаму каде што навистина се случува филмот.

Тој го соопшти годинашниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, српскиот актер Бранислав Лечиќ, како и филмот кој ќе го отвори Фестивалот. Станува збор за долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, кој доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија.

„Киненова“ во својата осма едиција се обидува да ги одржи високо поставените стандарди во однос на програмата, бидејќи новите авторски филмски гласови сѐ повеќе се присутни и силно одекнуваат, како на филмските фестивали така и во киноприкажувачката мрежа низ Европа и пошироко, истакнуваат од фестивалската екипа.

Прес-конференција за 8. МФФ „Киненова“ во „Јуроп хаус Скопје“

Во Главната селекција има два филма од годинашното „Берлинале“, прикажани во Главната и во програмата „Панорама“. Филмот „20.000 видови пчели“ на исклучителната Баскијка Естибалиц Уресола Солагурен е филм за збунетоста на едно дете, кое само се справува со својот идентитет и прашањата на еден затворен екосистем на матријархат на пчеларки во едно баскиско село. Во Берлин 11-годишната талентирана Софија Отеро ја понесе наградата Сребрена мечка за актерско остварување.

Во програмата е и контроверзниот филм „Феемме“ (Женствена), на двоецот Сем Фриман и Нг Чон Пинг од Велика Британија, осведочени поборници за родовата еднаквост и правата на ЛГБТ-заедницата, со своето деби за прославената дрег-кралица и уметница Афродита Бенкс, која е соочена со нејзиниот кошмар и справувањето со него.

Филмот „Празни мрежи“ (Јалови мрежи) е дебитантски игран филм на познатиот германско-ирански документарист Бехруз Карамиѕаде, кој со една згусната меланхолија ги открива љубовните искри на Амир и Наргес, кои ги развиваат своите идни планови наспроти стереотипите на едно патријархално и затворено општество.

Единствениот македонски филм во главната натпреварувачка програма е филмот „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, филм кој дише со сценаристичка и режисерска свежина и отвора нови дилеми.

Во програмата се и филмовите „Ние сме чуварите“ од Бразил, „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, „Клондајк“ на Марина Ер Горбах и „Граѓанинот светец“ на Тинатин Кајришвили.

Уметнички директор на фестивалот е Гена Теодосиевска. Во рамките на „Киненова“ ќе бидат прикажани и четири играни филмови од најновата полска кинематографија, понудени како партнерска програма на „Киненова“ и „Вистула ФФ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот