Донираните вакцини граничната полиција ќе ги трампа за „Синофарм“

Донацијата од шест илјади вакцини „Астра-Зенека“, што македонските гранични полицајци ја добија од Унгарија, нема да заврши кај нив, затоа што повеќето се помлади од 60 години, а за таа возрасна категорија во земјава е забрането да се примаат вакцини од овој производител.

Како што дознава Слободен печат, решено е подарените дози од „Астра-Зенека“ да му бидат предадени на Министерството за здравство, а министерството  како замена на граничната полиција ќе и даде вакцини од „Синофарм“, кои може да се аплицираат на помлади од 60 години, какви што се поголемиот број граничните полициски службеници.

„Припадниците на полицијата не се вакцинираат на територијата на Република Србија. МВР доби донација од Унгарија од 6.000 дози од вакцината Астра-Зенека кои нема да бидат наменети за припадниците на полицијата, туку за нив ќе бидат обезбедени 6 илјади дози вакцини Синофарм, а вакцините од донацијата ќе бидат искористени за вакцинација и ревакцинација на граѓани над 60 годишна возраст”, велат од Министерството за здравство за Слободен печат.

„Астра-Зенека“ и натаму само за постари од 60 години

Откако на ниво на Европа се донесе одлука секоја држава засебно да одлучи дали ќе ја аплицира „Астра-Зенека“ на млади лица, нашата земја се одлучи да не го прави тоа. Причината е претпазливост, поради тоа што во ретки случаи се појавуваат тромбоемболични реакции, особено кај помлади жени. Некои европски држави решија да ја даваат „Астра-Зенека“ на сите, независно од возраста, меѓутоа Македонија не е меѓу нив. Затоа оваа вакцина мора да ја примат повозрасните од 60 години, зашто кај нив не се појавуваат никакви тромбоемболични реакции.

Досега во Србија со „Астра-Зенека“ се вакцинирани десетици илјади македонски граѓани. Ако се постари од 60 години, тогаш тие ревакцина ќе добијат на почетокот на јуни, со оглед на тоа што меѓу првата и втората доза треба да поминат 12 недели. Ако се помлади од 60 години, тогаш можност за ревакцинација во Македонија нема да им биде дадена и ќе мора да патуваат повторно во Србија да се ревакцинираат. За денеска е најавено дека преку Ковакс механизмот во земјава ќе пристигнат 38.400 вакцини од „Астра-Зенека“.

Вакцинираните во Србија, не го откажале терминот во Македонија

Во меѓувреме, граѓаните што се вакцинирале со прва доза од оваа вакцина во Србија, не се избришани од македонската база. Така тие добиваат повторно термини за вакцинација на закажани пунктови и им го земаат местото на невакцинираните, за што граѓаните реагираат на социјалните мрежи.

„Вакциниран сум во братска Србија со Астра-Зенека и термин за втора вакцина ми е 19 јуни. Бидејќи бев пријавен на сајтот на Министерството за здравство ми стигна покана за вакцина во А1 арената за 14 мај. Размислувам што да правам, дали е во ред да се вакцинирам сега со кинеска вакцина, дали има некој такво искуство, прашуваат дел од граѓаните во Фејсбук групата „Ковид-19 искуства и совети“.

Од Министерството за здравство се децидни дека двете дози вакцина мора да се од ист производител. Не е дозволено првата доза да е од „Астра-Зенека“, а втората од некоја друга компанија. На прашањето зошто веќе имунизираните во Србија, добиваат СМС порака да дојдат на пункт во Македонија за ревакцина, од ресорното министерство велат дека овие граѓани не го откажале терминот кој претходно го закажале кај матичен лекар или на страницата „вакцинација.мк“ и покрај тоа што постои таква опција.

Во меѓувреме, вакцинацијата на сите пунктови во земјава се одвива непречено. Вкупно се аплицирани 175.348 дози, а ревакцинирани се 25.648 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 13.751 лице. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „вакцинација.мк“ е 330.513 граѓани. Пандемијата со коронавирусот во земјава спласнува. Според последните статистики на Институтот за јавно здравје, активни се 9.995 случаи. За едно деноноќие од направени 2.093 тестирања, позитивни биле само 150. Починале 16 лица на возраст од 50 до 88 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот