„Дона Алба“ е модерен роман со мистична атмосфера

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ го објави романот „Дона Алба“ од еден до најголемите романски писатели на 20 век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.

Книжевната критика има укажано на очигледни сличности меѓу „Дона Алба“ и „Црвено и црно“ на Стендал, „Бел ами“ на Мопасан и целото творештво на Достоевски. Главните ликови во ова дело што не избледува се фатална жена и вљубен млад човек, подготвен на сè заради неа. Но, тоа е модерен урбан роман, извонреден по својата мистична атмосфера на Букурешт во тоа време.

Во споредба со Достоевски и Мопасан, романскиот писател Џиб Михаеску успеал да ги прекрши влијанијата на руските и на француските класици низ призмата на животот во Букурешт меѓу двете светски војни во дваесеттиот век. Тој вешто го води читателот низ улиците на магнетниот свет на декадентната и мистериозна романска престолнина за да ги открие неговите тајни и да раскаже модерна приказна за принцовите и просјаците.

Ова е модерна урбана сторија за жените, парите и кариерите, сместена меѓу двете светски војни. Се смета за голем љубовен роман во романската литература, но тој е повеќе од љубовен роман.

Џиб Михаеску (роден во 1894 година во Драгашани, Романија), чие вистинско име е Георге Михаеску, е еден од најзначајните романски писатели во првата половина на ХХ век. „Дона Алба“ е неговиот последен и најзначаен роман и првпат е објавен во истата година кога умрел авторот (1935, на 41-годишна возраст).

Учествувал во Првата светска војна, бил адвокат во Кишињев и во родниот град. Михаеску напишал пет романи, а „Дона Алба“ е првото негово дело преведено на македонски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 136, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот