Доаѓаат нови правила на ЕУ: Играчките ќе добијат пасош побрзо од македонските граѓани!

Посебните безбедносни барања за играчките се однесуваат на физичките и механичките својства, запаливоста, но и хемиските и електричните својства и хигиената, до радиоактивност

Електронската трговија и вештачката интелигенција се нови предизвици кои ги менуваат правилата на ЕУ за безбедност на играчките за подобра заштита на децата. Оние кои беа усвоени во 2009 година беа освежени, со забрана на најштетните хемикалии како што се ендокрините пореметувачи.

Така, „радио играчките“ ќе мора да се усогласат со суштинските барања за заштита на приватноста, а оние што се поврзани на Интернет ќе мора да содржат заштитни мерки за сајбер безбедност и заштита од измама. Утврдени се и одредени недостатоци поради можните ризици кои произлегуваат од штетните хемикалии во нив. Ова резултираше со нови правила на ЕУ за безбедност на играчките за подобра заштита на децата, а во вторник беа изгласани од Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент.

Откако стапија на сила во 2009 година, се појавија нови предизвици, како што се е-трговија и вештачка интелигенција, а забележано е дека многу неусогласени и небезбедни играчки остануваат на пазарот на Европската унија, пренесува тпортал. Ова се особено важни барања и процедури за оцена на сообразност кои треба униформно да се применуваат во целата ЕУ, се наведува во образложението на Европскиот парламент, за да не се остави простор за различни имплементации во поединечни земји-членки.

Новите правила ја дефинираат обврската за ставање посебни предупредувања кога тие се неопходни за безбедно користење на играчките, но и за производите да се усогласат со општите и посебните безбедносни барања. Посебните безбедносни барања за играчките се однесуваат на физичките и механичките својства, запаливоста, но и хемиските и електричните својства и хигиената, до радиоактивност.

Посебно се ограничени штетните материи, како што се оние кои се канцерогени, мутагени или токсични за репродукција, ендокрините пореметувачи, респираторните сензибилизатори и супстанциите токсични за одреден орган. Можностите за отстапување од оваа забрана, како што се наведува во образложението на Европскиот парламент, се ограничени.

Најголем дел од играчките во Македонија доаѓаат од Кина, но како што веќе пишуваше „Слободен печат“, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во 2023 година не нашол ниту една небезбедна играчка или козметички производ на граничните премини за увоз во земјава. Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје завршиле 304 примероци од детски играчки, козметика и предмети за општа употреба, ама сите биле како што треба, односно не се детектирани небезбедни производи од увоз, тврдеа за „Слободен печат“ од ДСЗИ. За разлика од Македонија, во Европската Унија секој ден се појавуваат известувања за вакви небезбедни производи како резултат на засилени контроли и ефикасен надзор над увозот и продажбата.

Македонските продавници за играчки блескаат од силните бои што просто мамат од рафтовите. И не се маѓепсани само децата, туку и нивните родители, а да не зборуваме за бабите и дедовците. Но, сите играчки не се наменети за деца, туку напротив може да бидат многу опасни. Понекогаш е во прашање квалитетот, а понекогаш совеста на производителите, кои дизајнираат играчка што добива и старосно ограничување.

– Веќе десетина години има сериозен пад на квалитетот на сите производи на пазарот, а проблемот е посебно изразен кога се во прашање производите за деца. Нашите трговци ги набавуваат играчките и облеката каде што ќе стигнат, битна им е цената – вели една мајка.

Во 2022 година имало отстранување на приближно 11 различни видови модели на играчки и облека увезени од Кина, а причината е што можеле да предизвикаат задушување, објаснуваат пазарните инспектори. И лани како опасни биле повлечени неколку играчки и детска облека. За една од играчките – куче акробат на батерии – е констатирано дека има мали делови, кои детето може лесно да ги проголта и да дојде до задушување, а кај детската облека проблем бил начинот на врзување на качулките, кои исто така можеле да предизвикаат задушување!

Секоја четврта играчка во ЕУ е отровна

Европската агенција за хемикалии во декември лани соопшти дека во 400 од 2.400 производи кои минатата година биле контролирани во 26 земји-членки на ЕУ, биле откриени отровни материи. Утврдено е дека една од четири играчки, како што се кукли, костими, душеци за играње и пластични фигури, ги прекршуваат законите на ЕУ за опасни хемикалии, пренесува EуOбсервер. Националните агенции на ЕУ открија „прекумерно ниво на опасни хемикалии“ како што се олово и пластификатори во 18 отсто од тестираните производи за широка потрошувачка. Најчесто контролирани производи кои содржат токсични хемикалии се електричните апарати, спортската опрема, играчките и модните производи. Извештајот нагласува како увозниците и онлајн пазарите, вклучително и Амазон, имаат повисока стапка на неусогласеност со правилата на ЕУ отколку производителите и дистрибутерите. Во 39 проценти од случаите, компаниите решиле доброволно да ги повлечат своите производи од пазарот, а исто така и од нивните веб-страници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот