„Длабоко трогателен саундтрак“: Ник Кејв и Ворен Елис ја компонираат музиката за филмот на Ејми Вајнхаус

Фото: Profimedia

Ник Кејв и Ворен Елис ја компонираат музиката за претстојниот филм за животот на британската пејачка Ејми Вајнхаус„Враќање кон мрачното“ („Back to Black“), пишува „Варајети“.

Биографското остварување е во режија на режисерката Сем Тејлор-Џонсон, а Вајнхаус ќе ја отелотвори младата актерка Мариса Абела.

Режисерката изјави: „Ник и Ворен се единствените музичари што ги имав на ум да ја искомпонираат музиката за ‘Враќање кон мрачното’. Со текот на годините, јас го преслушав сѐ она што тие го имаа создадено и сакав да го остварам сонот за соработка. Нивното чувство и разбирање на оваа приказна доведоа до длабоко трогателен саундтрак“.

Кејв и Елис се долгогодишни соработници, чија заедничка креативност трае повеќе од 30 години во бендот „Ник Кејв енд д бед сидс“. Тие првпат се запознале во 1993 година, кога Елис свирел виолина на неколку песни на албумот „Let Love In“ на „Ник Кејв енд д бед сидс“, пред да стане постојан член на групата за следните десет албуми.

Во меѓувреме, тие ја формираа и музичката група „Гриндермен“ и компонираа музика за бројни филмови.

Да потсетиме, филмот „Враќање кон мрачното“ го следи раниот подем на славата на Вајнхаус и објавувањето на нејзиниот албум со ист наслов, добитник на Греми.

„Раскажан од перспектива на Ејми, филмот ќе ја прикаже жената која стои зад глобалниот феномен и врската што го инспирирала еден од најлегендарните албуми на сите времиња“, се вели во синопсисот на филмот.

„Не пишувам музика за да бидам позната. Пишувам песни затоа што не знам што би правела ако не пишувам“, вели Мариса Абела во трејлерот, глумејќи ја музичката легенда.

Вајнхаус почина на 27-годишна возраст, во 2011 година, од труење со алкохол.

Саканата баба на Ејми, Синтија, ја игра Лесли МенвилЏек Оконел го игра сопругот на Вајнхаус, Блејк Филдер-Сивил, со кого пејачката беше во брак од 2007 до 2009 година. Еди Марсан го глуми таткото на Вајнхаус, Мич Вајнхаус. Актерката Џулиет Кауан ќе ја видиме како мајката на Вајнхаус, Џенис Вајнхаус-Колинс.

„Враќање кон мрачното“ („Back to Black“) ќе почне да се емитува на 10 мај годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот