Дигиталното образование – концепт на 21. век

Во Северна Македонија пандемијата на Ковид-19 ја наметна потребата од онлајн настава, која беше исправена пред бројни предизвици од аспект на постоењето информатичка инфраструра, се до обученоста на наставниот кадар за примена на дигиталните технологии во едукативниот процес.

Растечката и забрзана примена на новите ИКТ технологии во речиси сите сегменти од општеството, особено дојде до израз во образованието кое треба да ги подготви младите за дигиталната ера – општество кое се темели на технологијата.

Во Северна Македонија пандемијата на Ковид-19 ја наметна потребата од онлајн настава, која беше исправена пред бројни предизвици од аспект на постоењето информатичка инфраструра, се до обученоста на наставниот кадар за примена на дигиталните технологии во едукативниот процес. Во фокусот беше поместено прашањето на дигиталното образование кое подрзабира поседување дигитална писменост, односно дигитални вештини и компетенци кај наставниците и учениците, како и иновативна педагогија базирана на употреба на новите технологии во наставата.

Дигитален јаз и корона пандемијата

Според дефиницијата на УНЕСКО дигиталната писменост е способност да се идентификуваат, разберат, интерпретираат, создаваат и комуницираат компјутерски содржини, како и користење печатени и пишани материјали поврзани со различни контексти.

Билјана Жеревска, магистер по студии на политики и новинар кој долги години ги следи глобалните едукациски трендови, во нејзиниот магистерски труд „Предизвиците за образоавнието во РСМ за време на Ковид-19 пандемијата: Премостување на дигиталниот јаз и потребата за информатичка и дигитална писменост како приоритети на образовниот систем” оценува дека токму принудното одвивање на наставата од дома поради пандемијата ги забрза реформските процеси и го покажа значењето на дигиталните технологии во образованието, а воедно добивме увид во недостатоците на образовниот систем.

-Ова се генерации родени во технолошката ера кои имаат сосема различен видео-аудитивен сензибилитет од повозрасните генераци. Иновативните дигитални методи мора да се прилагодат на нивните потреби.Ова е шанса која треба да се искористи со цел да се дизјнира модерен образовен систем кој ќе ги следи тенденциите на модерното време, вели Жеревска за МИА, осврнувајќи се на педагошкиот аспект за новите методи базирани на дигитална педагогија.

Едно од најбитните социолошки прашања во однос на реформите во образованието според неа е дигиталниот јаз и дигиталната исклученост, кои по воведувањето настава од далечина ги покажаа нееднаквостите.

-Има над 40.000 ученици од основното и средното образование кои немаат пристап до уред и до интернет, ниту пак нивните семејства се во можност тоа да им го овозможат. Така се создваат привилегирани и непривилегирани ученици, меѓу кои се продлабочува јазот во однос на знаењето, но и во однос на нивните врсници од развиените земји. Ние како генерација сме должни да им овозможиме да фатат чекор со високо развиениот свет, а тоа може да се постигне преку интегрирање на образованието со новите технологии, при што овие генерации ќе станат дигитално писмени и рамноправни на светскиот пазар на трудот, вели Жеревска.

Тоа значи, додава таа, дека ќе можат полесно да се прилагодуваат на промените во светот, да имаат добро платени места и континуирано да се развиваат, односно да бидат дел од доживотно учење.

-За тоа ни требаат едуцирани наставници за кои треба да постојат водичи кои компетенции треба да ги стекнат и ни треба инфрастрктура која политичките елити се должни да ја обезбедат во сите училишта, која што ќе биде стандардизирана и иста за секое училиште и секое дете, заклучува Жеревска.

Она што може да се констатира во однос на новата реформа на образованието, вели, е што не е прецизно дефинирана употребата на ИКТ во образованието.

-Сметам дека равојниот акцент на образовниот систем кај нас треба да се стави на новата дигитална педагогија, а со помош на дигиталните технологии во неа да се интегрираат визуелната и вербалната писменост. Стекната дигитална писменост ќе им овозможи на учениците подобра интерпретација, сумирање, синтетизирање и спротивставување на информациите од повеќе извори, односно да развијат способност за истовремено управување на различни видови податоци. Во современата училница потребно е учениците да генерираат нови знаења преку аплицирање, дизајнирање, адаптирање, инвенција или креирање информации со секојдневна употреба на ИКТ во наставата, учениците да не бидат само пасивни приматели на содржина, туку да бидат и активни чинители во процесот на учење, со што ќе ги развијат критичкото мислење и креативноста, нагласува Жеревска.

Рамката за дигитални компетенции за наставници клучна алатка за подобрување на процесот на дигитализација на образованието

Професорот на ФИНКИ Владимир Трајковиќ и врвен меѓународен експерт се согласува дека пандемијата ја стави во фокус дигиталната писменост, но вели таа сама по себе е само алатка, можеби покомплексна, но во суштина слична со други алатки што се користат во образованието. Како алатка, таа обезбедува пристап, користење и креирање на дигитални едукативни ресурси.

-Главниот предизвик овде е што постојат многу такви ресурси, и сите тие имаат специфики, што потекуваат не само од нивната дигитална природа, туку и од начинот на нивна примена (на пример: комуникација, предавања, учење, оценување). Пандемијата, помалку иронично, обезбеди напредок во ова поле кај нас, но брзината на тој напредок е помала од брзината на тој напредок во Европа, а со тоа дигиталниот јаз во образованието, што постои помеѓу нас и европските земји, за жал, се зголеми, вели Трајковиќ кој е автор на две книги на англиски јазик (од кои едната е преведена на албански, македонски и српски), на над 10 труда во меѓународни списанија со фактор на влијание и неколку десетици трудови на конференции повразни со областа на дигитализација во сите циклуси на образование.

Според него, главниот проблем кај нас, е што (барем согласно извештајот на Евридика од 2019 г.) тоа богатство што овие алатки го овозможуваат од страна на оние што ги градат политиките во образованието (МОН, БРО, ДИЦ) се тривијализира, или најблаго кажано, формализира на ниво на споменување на хартија. Тоа се потврдува со акцискиот пристап за обуки со кој се очекува дека ќе настанат промени со обука од неколку дена (недели), и со кои ќе се надминат неколку децениски пропусти во политиките за развој во оваа насока. Тоа, наведува тој, резултира само со уште поголеми фрустрации кај наставниот кадар, поголеми проблеми во процесот на образование и конечно, состојба која се рефлектира во квалитетот на остварувањето на едукативните цели.

-Само како илустрација, основна алатка за подобрување на нештата во оваа насока е рамката за дигитални компетенции за наставници. Таква рамка постои одамна во Европа, па дури и во регионот, но кај нас, веќе неколку години само се најавува. Дури се чини дека најодговорните инстититуции, поради својата инертност, ја оневозможуваат иницијативата за нејзино воспоставување од страна на невладиниот сектор, констатира проф. Трајковиќ за МИА.

Инаку според Извештајот Евридика 2019 на тема Дигиталното образование во Европа, во кој се опфатени 43 земји меѓу нив и С Македонија, во 2/3 од образовните системи дигиталните комптенции се влезени во општата рамка за компетенции на наставниците, ова се однесува и на нашата држава, а осум земји меѓу нив и Хрватска и Србија во посебна рамка за дигитални компетенции на наставниците. Овие рамки се доминантно развиени на основа на европските модели  DigComp DigCompEdu.

За тоа дали во нашиот образовен систем можеме да зборуваме за постоење на дигитална педагогија, Трајковиќ е дециден дека тоа не е случај. Како пример , ако зборуваме за образованието во време на пандемија, кај нас, вели, дури не постојат соодветни термини за трите пристапи кои се користат во светот (distance learning, online learning, remote teachning).

-Кај нас се користи само терминот далечинско образование, (што е патем формално различно од она што го имаме во пракса), а онлајн учењето се користи како синоним на истото. Она што всушност во моментов се случува кај нас е хибрид од настава на растојание (remote teaching) и онлајн образование, со тоа што наставата на растојание е доминанатна (и со тоа, често непотребно се прави стрес кај учениците, родителите па и самите наставници). Дури, постоеја и, би рекол смешни дискусии, но за жал од високи структури во образовните институции, во кои се предлагаше да се држи едновремено и физичка настава и настава на растојание. Ова само укажува дека едноставно, нема капацитети да се разбере како технологијата влијае на педагошкиот процес. Тоа влијание може да има многу позитивни ефекти, но само ако технологијата се примени правилно, во спротивно, последиците по квалитетот на образовниот процес може да бидат многу лоши, вели Трајковиќ кој е дел и од dig-edu.org – Центар за иновации и дигитална едукација..

Тој подвлекува и дека при предавање на растојание, традиционалните педагошки принципи при организација на часот, интеракција, пратење на активности на учениците и оценување мора да се трансформираат. Обуките, пак, за националната платформа за образование на далечина главно се фокусирале, вели, на техничките можности на истата.

-Имам чуство, дека нашите наставници беа фрлени во длабока вода со гума за пливање, при што им се објасни само за што служи гумата за пливање, но не и како да ја облечат.

Како да намали дигиталниот јаз во образованието и да се создаде кадар компетитивен на глобалниот пазар на труд во 21 век?

Дигиталната писменост, како компонента,  е суштински поврзана со уште две компоненти: критичко размислување со користење на нови технологии (ни дава објаснување зошто ни требаат различни дигитални алатки), и медиумска писменост (ни дава причина да размислуваме зошто некоја информација пратена преку дигитален ресурс постои, која е нејзината цел, како е создадена, како може да се провери, дали може, треба и смее да се толкува или менува). Според Трајковиќ, доколку не се разгледуваат како целина, или се разгледуваат оделено, сите овие компоненти, не може да очекуваме напредок во ниту една од нив.

 

-Без критичкото размислување, за многу чинители на образовнилот процес, дигиталната писменост ќе се сведе на користење на презентациски алатки, што патем, по мене, ја уназадуваат интеракцијата во училницата, без разлика дали е виртуелна или класична. За жал, се чини, дека на овие теми, и не само во образованието, кај нас воопшто не се ни размислува, а камоли дискутира, или изучува. Поради тоа, мислам дека треба да се обезбедат постојани и континуирани обуки на наставниците за овие теми, затоа што, тие само ќе добиваат на важност, вели Трајковиќ.

Брзината на развој на нови технологии и медиуми е огромна, додава тој, и ние мора да најдеме начин како да ги интегрираме на правилен начин во образованието, не смееме да ги игнорираме  или уште пострашно забрануваме (како што тоа се правеше пред пандемијата со мобилните телефони).

-Единствено за што можеме да бидеме сигурни кога зборуваме за иднината, е дека не знаеме што ќе се случува. Во тој контекст, образованието треба да ги подготви учениците да користат технологии кои се уште не се измислени за да решат проблеми кои се уште не се се појавиле. Поради тоа, образованието мора да биде отворено за користење на нови технологии и медиуми, но како алатки, кои може да се користат на правилен или погрешен начин. За да утврдиме кој е правилниот начин ни требаат базични вештини на критичко размислување. Во моментотот, постојат национални проекти (Школа на 21-век – https://www.britishcouncil.mk/en/programmes/education/21st-century-schools/about ) со кои се прави обид да се воведе критичко размислување со користење на нови технологии во нашите училници, но тоа е само првиот чекор, нагласува Трајковиќ.

Следен чекор, вели професорот, би биле обуки за медиумска писменост,  обуки за влијанието на новите технологии и медиуми на педагошките принципи, како и создавање на ресурси на добри пракси за користење на тие дигитални едукативни ресурси.

-За ова да биде можно, институциите што градат образовни политики, мора не само декларативно, да ги растеретат наставниците од административните обврски, и пред се, да направат сериозни чекори да го вратат достоинството на нивната професија. Тоа наједноставно ќе се случи ако ја сменат основната парадигма на дејствување: од институции кои кажуваат што треба да се прави и прават контроли, тие би требало да се трансформираат во институции што слушаат и помагаат.  На крајот на денот образовните институции треба да служат на наставниците и учениците, а не обратно, заклучува Владимир Трајковиќ во разговор за МИА.

Да ги замениме кредите и таблите во училиштата со интерактивни табли и компјутери

Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми исто така го дели мислењето дека дигиталната писменост е важен, а можеби и најважниот сегмент на кој мора да работиме во реформирањето на образованието. Важноста на познавање и напредно применување на дигиталните вештини од страна на денешните ученици и студенти претставува нивен пасош кој го пополнуваат денеска, а ќе биде од особена важност за да можат да ги работат професиите од иднината.

-Времето во кое се раѓаат и растат денешните генерации е дигитално и нема друг начин освен редовното образование да се прилагоди на современите трендови. Ако пред децении кога ние учевме технолошки дострел беа графоскопите и прожекторите, тоа денес е неограничениот интернет, мобилните и веб апликации, како и другите неограничени можности кои ги даваат дигиталните алатки за полесно совладување на наставните содржини и изработка на домашните задачи со паметно користење на новите технологии, посочува Кардалов во разговор за МИА.

Како поткрепа на оваа заложба тој ја посочува и Еуростат статистиката според која 64 проценти од младите во Македонија на возраст од 16 до 24 години имаат основни или над основни дигитални вештини. Само за споредба процентот кај младите Хрвати е за цела третина поголем и изнесува 97 проценти.

-Мислам дека е крајно време ова сериозно да го земеме предвид и веднаш да почнеме да ги менуваме работите. Ако им мислиме добро на нашите деца и внуци, сите, а особено чинителите во образовниот процес се должни да го реформираат образованието на потребите на овие генерации и уште поважно на вештини и знаења од иднината која со себе ја носи промената на професиите која веќе во голема мера, да не речам целосно се заснова на ИТ и дигиталните вештини, вели комункологот.

Современиот или дигитален патриотизам, е, додава тој, во ера на дигитализација да поминуваме тројно повеќе време со нашите деца за ги научиме како да бидат заштитени во интернет просторот, но и како да стекнат дигитални знаења и вештини.

 

Потребно создавање национален курикулум на наставни содржини, веб страни, линкови

Дигиталната писменост или стекнувањето на знаења и вештини кај секој од нас уште од најрана возраст за тоа како правилно да ги ползуваме компјутерските и интернет платформите со цел да постигнеме подобри резултати во учењето, да бидеме поефикасни во вршењето на нашите работни обврски или, пак, со цел квалитетно да го организираме нашето слободно време,  нагласува Кордалов, денес е од огромна важност. Затоа смета дека дигиталната писменост е потребно да биде составен дел од секој час, во рамки на секоја наставна содржина во текот на целокупното образование на поединецот.

-Потребно е создавање на национален курикулум на наставни содржини, веб страни, линкови и слично кои ќе се користат како поддршка во изучувањето на формалните содржините во рамки на сите наставни предмети. На пример, кога учениците изучуваат за океаните во светот по предметот „географија” „сувопарните” предавања полни само со статистики и бројки, неопходно е да се збогатат со онлајн документарни видеа и други дигитални содржини кои се направени од врсници на учениците или други млади луѓе кои веќе нашле интересен начин на презентација на истите податоци, спакувани во еден современ или модерен формат.

И тоа е потребно да биде унифицирано како курикулум одобрен од надлежните институции, МОН и БРО, како и задолжителен дел од наставата во секое населено место или град.

– Ова дополнително ќе придонесе за еднаков квалитет на образованието и стекнување на еднакво високи знаења на учениците без оглед во кое училиште учат и независно дали тоа е лоцирано во рурална или урбана средина. Бидејќи токму една од улогите на дигитализацијата е да спојува, давајќи еднакви можности за секого, без оглед дали живее во најоддалечената општина од центарот на главниот град или во некое урбано јадро во внатрешноста на земјата. Дополнително, ваквиот пристап е најголемата гаранција дека секоја личност уште од најрана возраст ќе стекне правилни и одржливи дигитални вештини – и тогаш тоа ќе бидат вештини за цел живот, заклучува комуникологот Бојан Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот