Џафери: Ги консултирав сите инситутции, пратениците со скафандери во Собранието беа според протокол

Бисера Костадиновска Стојчевска

По изгласувањето на петтиот сет економски антикризни мерки со кои илјадници граѓани ќе добијат плата и помош, власта и опозицијата во јавноста излегоа со различни пораки. Првите упатуваат честититки, вторите пак, најавија кривични пријави. СДСМ смета дека присуството во Собранието на двајцата пратеници заболени од коронавирус облечени во скафандери и затворени во кабини не го загрозува здравјето на останатите пратеници, бидејќи тоа било изведено според протоколот одобрен од здравствената комисија. Според собранискиот спикер Талат Џафери, пратениците во Собранието биле донесени според посебен протокол усвоен на 18 ноември.

-Двете седници 32. и 36. не траеја подогло од еден час. Тенденцијата на опозицијата да прикаже дека тоа е се поради мојот инает, не е точна. Јас не се водам од инаетот, туку од процедурите и Деловникот. Каков инает, кога само за три закони се поднесени илјадници амандмани, а Комисијата за финансирање и буџет не закажа седница два месеци. Одлуката да бидат присутни пратениците заболени со коронавирус беше во консултации со сите инстиутции, се со цел да обезбедам функционално Собрание. Заболените пратеници немаа контакт со никого. Ако опозицијата поставува услови јас немам друго решение освен да го спроведам протоколот, рече Џафери.

Според спикерот Џафери, со месеци стојат недовршени 20 седници на кои има многу закони кои не можат да се разгледуваат се додека не поминат на матичните комисии. Меѓу нив и 32. за која имаше осум продолженија, но и 36. на која беа антикризните мерки, за кои претходно имаше поднесено илјадници амандмани.

Од друга страна, опозиската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека во Собранието се случил тероризам. Според лидерот на партијата Христијан Мицкоски, доаѓањето на пратениците болни од коронавирус во Собранието е тероризам.

„Ова во Собрание е тероризам, а не 27 април! Медиумите пишуваа дека човек почина затоа што немало брза помош, а денес за аздисот на власта и пратеничката има. Крајот брзо ќе им се случи, а ќе има и кривични пријави и одговорност за кршењето на протоколите, законите и Уставот!“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност за сите – од лицата кои ги пропуштиле да влезат во Собранието и ризикувале да го загрозат здравјето на сите, до Талат Џафери, кој дозволил нивно гласање, иако истите имаат решение за изолација и не смеат да го напуштаат домот и да го посетуваат работното место. Оттаму најавија дека ќе поднесат кривични пријави до ОЈО против пратениците во скафандери.

Премиерот Зоран Заев им честиташе на парламентарното мнозинство, спикерот и собраниските служби за справувањето со блокадите за да можат да бидат усвоени економските закони. Честитки добија и пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, кои облечени во заштитни скафандери, заштитни ракавици и маски, сместени во специјалните кабини над салата, учествуваа во работата на Собранието и гласаа за законите од 32. и за петиот сет антикризни мерки од 36. седница. На својот Фејсбук профил Заев напиша и дека со згрозување ја примил информацијата дека за Христијан Мицкоски овој чин бил тероризам.

„Мицкоски се дрзна гласањето помош за граѓаните да го нарече тероризам, а за крволочниот напад на Собранието на 27 април одкој и тој беше дел, сѐ уште не нашол начин и волја да го осуди. Очигледно е дека ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, ваквото безобразно блокирање на народната волја во Собранието е директно мотивирано и предизвикано од Мицкоски“, напиша Заев.

И Левица најави кривични пријави до ОЈО Скопје против спикерот на Собранието и против двајцата пратеници кои гласаа во скафандери .

„Гласањето за 5-от пакет мерки никогаш не било доведено во прашање од опозицијата, бидејќи спикерот можеше таа седница да ја свика и на 16 април, но, тоа не го стори. Вчера, за тој пакет економски мерки гласаа 115 пратеници!“, напиша Димитар Апасиев на Фејсбук.

За СДСМ, Апасиев е лажен борец за работнички права и за социјална правда и човек кој одработува за туѓи партиски интереси.

„Апасиев со плата од најмалку 60.000 денари која ја добива од граѓаните, правеше сè за граѓаните погодени од коронакризата да не можат да земат барем минимална плата за месеците февруари и март. Наместо суштински да се бори за работниците, гледа преку маката и грбот на работниците да се дограби до политички поени и притоа како по обичај, не нуди конкретни предлози и не учествува во работните тела на Собранието со свој придонес“, пишува во партиското соопштение на СДСМ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот